Бројот починати во САД надмина 50.000, Џорџија ја отвора економијата а за Трамп тоа е „преурането“

Маникирка преку бариера од плексиглас за заштита од коронавирусот полира нокти на своја клиентка во повторно отворениот салон во Далас, петок 24-ти април 2020 година (AP Photo/LM Otero)

Американската сојузна држава Џорџија отвори во петокот некои сегменти од својата економија на поттик од тамошниот гувернер и покрај епидемијата од коронавирусот која до денеска во целите САД однесе 50.000 животи, и неодобрувањето на здравствени стручњаци, па дури и претседателот Доналд Трамп кој оваа одлука ја оцени за „преуранета“.

Гувернерот на Џорџија, Брајан Кемп, кој е жесток поброник на американскиот претседател Доналд Трамп, одлучи да дозволи отворање на фитенс центрите, кугланите, фризериски, козметичките и салоните за миникура и тетовирање, со почитување на правилата за социјална дистанца и ограничувањето на бројот на клиентите во ист момент. Киносалите и рестораните со работа ќе започнат од понеделник. Ноќните клубови и баровите засега остануваат затворени, додека се чека 1-ви мај кога завршуваат мерките за ограничување на движењето во оваа сојузна држава на југоистокот на САД.

Во Џорџија се потврдени 21.800 случаи на заразени со коронавирусот и ококу 880 починати, па главно приврзаниците на Демократската партија, од политичари до медиуми, ја критикуваат ваквата одлука како „неодговорна и опасна“.

„Некои сакаат да ги жртвуваат животи во име на економијата и тоа е неприфатливо. Не е неопходно да се оди на куглање или на маникир додека трае пандемијата. Бројките на заразените не се смалуваат и илјадници и илјадници луѓе се позитивни, смртноста ни е во пораст“, изјави во петокот за телевизиската мрежа ABC News, демократската градоначалничка на Атланта, Кеиша Ленс Ботомс.

Таа смета дека Џорџија не го почитува планот на Белата куќа за постепено покренување на активностите.

Дури и претседателот Доналд Трамп, кој се залага за што поскоро покренување на економијата во петокот твиташе дека тој никогаш не му дал сигнал на гувернерот Брајан Кемп за отворање на споменатите дуќани.

„Салоните за велнес, козметичките и салоните за тетовирање би требало да причекаат“, додаде Трамп и прецизираше дека на гувернерот му порачал дека треба да го стори она што е потребно за народот на Џорџија.

Трамп минатата седмица на состанокот со гувернерите во Белата куќа рече дека е време САД повторно да ја придвижат економијата, но давајќи му на секој гувернер можност сам да донесе одлука за својата сојузна држаа имајќи ја предвид тежината на ситуацијата.

Џорџија е првата сојузна држава којашто започна со широкото отворање, иако Оклахома во петокот, исто така, отвори некои дејности. Флорида минатиот петок започна со дозволување луѓето да одат на плажите со почитување на социјалното дистанцирање, а Јужна Каролина во понеделникот започна со ублажување на ограничувањата.

 

Њујорк сѐ уште е жариште на епидемијата

Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во сојузната држава Мериленд, кој ги сумира податоците од федералните и од локалните власти, медиумите и други извори, бројот на починатите во САД во петокот надминал 50.000 луѓе. Бројката на заразените со коронавирусот изнесува 870.000 лица, од нив оздравеле над 80.000 пациенти.

Сојузната држава Њујорк и натаму е жариште на епидемијата во САД, но се чини дека е минато најлошото. Бројот на починатите таму во текот на изминатото деноноќие изнесува 422 лица, 16 помалку од ден претходно, изјави во петокот гувернерот Ендрју Куомо.

„Бројот на починатите изнесува 422, тоа сѐ уште се страшни вести, бројката се намалува но сѐ уште е застрашувачка“, рече Куомо.

Претходно во четвртокот њујоршките власти пријавија 438 смртни исходи, а во средата 474 лица починаа од коронавирусот. Трагичниот рекорд во Њујорк беше регистриран на 8-ми април, кога во еден ден починаа 799 луѓе. Вкупниот број жртви од коронавирусот во државата Њујорк надмина 15.000 луѓе, што е речиси третина од вкупниот број починати од Covid-19 во САД.

„Се наоѓаме на надолната страна на кривата (на епидемијата), бројот на хоспитализациите и заболувањата се намалуваат… во моментов кривата на овој показател е речиси рамна“, изјави Куомо на прес-конференцијата. Според него, дневните податоци во просек укажуваат на 1.300 заболени.

Според гувернерот, во болнциите заклучно со денеска се згрижени 14.200 пациенти.