Бројот смртоносни непредизвикани напади на ајкули ширум светот скокнал во 2023-та

Бројот на смртни случаи од неиспровоцирани напади на ајкули ширум светот во 2023 година се искачил на речиси двојно повеќе од просекот во претходните пет години, според Меѓународната датотека за напади на ајкула (ISAF) што го води Универзитетот во Флорида.

Истражувачите на ISAF потврдија 14 смртни случаи поврзани со ајкули, вклучително и 10 категоризирани како неиспровоцирани, според податоците објавени во понеделникот. Бројката е речиси двојно поголема од просекот на шест непредизвикани смртни случаи годишно во периодот меѓу 2018 и 2022 година.

Во извештајот на ISAF се наведува дека имало 69 неиспровоцирани каснувања од ајкула и 22 каснувања кои биле испровоцирани, односно тие биле резултат на човечки обиди да воспостават некаква интеракција со ајкулата. Бројката е во согласност со просечните 63 напади годишно во петгодишниот период од 2018 до 2022 година.

„Ова е во опсегот на нормалниот број каснувања, иако смртните случаи оваа година се малку вознемирувачки“, рече Гевин Нејлор, директор на програмата за истражување на ајкули при Природнонаучниот музеј на Флорида.

Повеќето од нападите се случиле во САД – 36, вклучително и два смртоносни, и во Австралија, коде имало 15 напади од кои четири смртоносни. Три од четири смртни случаи во Австралија се должат на напади од бела ајкула врз сурфери, соопшти ISAF.

Три австралиски смртни случаи се случиле околу полуостровот Ејр во близина на брегот на Јужна Австралија, оддалечена дестинација за сурфање , која е дом на колонии на фоки и големи бели ајкули.

„Ако бела ајкула тргнува по фока и фоката го знае тоа, белата ајкула нема шанси. Фоките се навистина пргави, така што само оние кои се плеткаат наоколу и безгрижно се вртат по површината се повредени. А вака изгледа сурферот“, вели Нејлор.

Најголем дел од каснувањата (42 отсто) биле поврзани со сурфање и други спортови на даски на вода, додека пливачите биле жртви во 39 отсто од инцидентите, покажуваат податоците.

Ризикот од каснување од ајкула останува исклучително низок, соопшти универзитетот, нагласувајќи дека е поверојатно да се добие на лотарија отколку да се биде нападнат од ајкула.