Бројот на жртвите во поплавите коишто ја зафатија северна италијанска покраина Емилија-Ромања, богата земјоделска и туристичка област, во петокот се зголеми на 14, соопштија локалните власти.
Спасувачките продолжуваат да ги евакуираат луѓето кои поради надојдените води не можат да излезат од своите домови, а дождот повторно без прекин врне 24 часа.
Во Равена властите во петокот рано попладнето прогласија „итна и моментална евакуација“ на неколку населби и ги повикаа жителите да „не излегуваат доколку тоа не е крајно неопходно“ од местата на кои се нашле.
„Од 13 мртви бројот на жртвите се зголемил во петокот на 14“, изјавил за AFP портпаролот на регионалните власти, додавајќи дека е пронајдено тело на маж кој се удавил во својот дом во местото Фаенца.
Во ова општина тешко погодена од поплавата, новинарите на AFP во петокот налетале на преплашени жители кои се обидувале да ја исчистат тињата од домовите и изнесувале речиси уништени мебели и домашни апарати.
Во другите погодени области, се чини, дека ситуацијата се стабилизира по бавното повлекување на водата. Жителите и службите за одржување на патиштата ги чистат куќата, плоштадите и улиците од кал и други наноси, а сообраќајниците кои биле под вода и делумно се оштетени, повторно се отворени.
Материјалните штети се проценуваат на милијарди евра. Тоа претставува нова катастрофа за регионот кој во 2012 година беше погоден од разорен земјотрес, а од пред две седмици од првите поплави.
„Ова е уште еден земјотрес. Сѐ ќе обновиме. Но штетата на земјоделските полиња и во овоштарниците е стопроцентна. Имавме суша, мраз а сега и катастрофална поплава. Што се однесува на туризмот, брегот (јадранскиот) за среќа не настрада толку“, рече во телевизиска изјава претседателот на регионот Емилија-Ромања, Стефано Боначини.
Италијанската влада на дневниот ред на редовната седница во вторник ќе воведе „мораториум за уплаќање на даноците и давачките“ за компаниите кои настрадале во невремето во Емилија-Ромања.