
За триесет првачиња во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани почна првиот училишен час. Бројот на првачиња во Вевчани, според директорката на училиштето Николина Србакоска, е речиси двојно зголемен од минатата година кога беа запишани 18 првооделенци.
– Учебната година почна без никакви проблеми, учениците се во училишните клупи. Преземени се сите потребни хигиенски мерки за успешен старт на учебната година. Училиштето свети, изјави директорката Србакоска.
Почетокот на училишната година им го честита градоначалникот Цветомир Угриноски, кој им посака многу успеси во учењето и им подари слики од познатиот уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин.
Во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани има 241 ученик од прво до деветто одделение.