Бројот на странски туристи изминативе осум години е зголемен повеќе од двојно

Според официјалните податоци од Заводот за статистика, во првите четири месеци од годината вкупниот број на туристи во Македонија изнесува 138.882 лица што е за 3,5 отсто поголем број на туристи споредено со истиот период лани. Од нив, 56.291 лице се домашни туристи, а 82.591 лице  се странци или 59,5 отсто од вкупниот број на евидентирани туристи за периодот јануари-април.

Бројот на домашни туристи во периодот јануари-април годинава споредено со истиот период лани е за 8,4 отсто повеќе, а обемот на странски гости е речиси идентичен како лани. Евидентиран е пораст од 0,3 отсто.

Во првите четири месеци од годината во Македонија бројот на ноќевања е поголем за 2,2 отсто споредено со истиот период лани. Домашните туристи оствариле за 3,4 отсто повеќе ноќвања споредено со периодот јануари-април 2013 година, а кај странците е евидентирано за 1,2 отсто зголемување на ноќевањата во истиот период.

Согласно статистичките податоци, од вкупниот број туристи евидентирани во Македонија од јануари до април годинава, 39.861 или 28,7 отсто престојувале во Скопје. Од нив доминантно дури 84,8 отсто биле странци. Во категоријата други туристички места, евидентирани се вкупно 33.268 туристи или скоро 24 отсто, од кои 19.884 се странци.

Бројот на странски туристи во Македонија изминативе осум години е зголемен повеќе од двојно. Вкупниот број на туристи забележуваат раст близу 40 отсто.

Согласно податоците на Народна банка, девизниот прилив во 2013 изнесува 136 милиони долари.Според податоците за инвестициски вложувања, минатата година во туризмот се вложиле 2,1 отсто од вкупните инвестиции во земјата.Проекциите за годината се трендот на пораст да продолжи.

Како резултат на субвенциите од државата, во 2010 година па наваму се вратија и туристите од соседните земји.Од европските земји има постојан пораст на бројот на туристи од Холандија, Финска, Полска.

Учеството на туризмот во БДП во 2012 и 2013 е 1,4 отсто. Согласно државната стратегија за развој на туризмот до 2020 година проекциите се приходот од туризмот да постигнат пет отсто од БДП.

Во изминатиот период Владата презема серија мерки со кои го поттикна туристичкиот промет.Се субвенционираа странски туристи за земјите од Бенелукс, Скандинавија, Обединети Арапски Емирати, Јапонија, Кина, Индија, Русија, Украина.За следната година се најавува субвенционирање на тур-оператори кои ќе носат туристи од Казахстан, Азербејџан, Катар, Германија, САД, Англија.

Со субвенционирање на авио-летовите на ниско буџетните комапнии, Македонија со директни конекции се поврза со поголемите градови во Европа и светот, кој подолго време претставуваше горчлив проблем за регрутирање на туристи од големите градови низ светот.

Од Здружението на угостители и туризам при Стопанската комора за следниот период најавуваат и други активности во насока на остварување на барањата на хотелските работници. Една од нив е намалувањето на ДДВ-то за храната во угостителските објекти, од 18 на 5 отсто, правилно насочување  и искористување на туристичката такса, субвенционирање на домашните тур оператори, агенции и друго.