Бројот на загинатите во протестите во Иран се зголеми на 21, Хамнеи ги обвини иранските непријатели

© AP Photo

Изминатата ноќ девет лица загинале во насилните протести во Иран, со што вкупниот број на жртвите во петдневните безредија започнати како протести против растот на цените и економската состојба во земјата се искачи на 21, од кои 16 се демонстранти, пренесуваат агенциите повикувајќи се на државната телевизија, додека врховниот ирански водач ајатолахот Али Хамени за поттикнување на немирите ги обвини непријателите на Исламската Република, а реагираа и Турција и Русија.

Шест од жртвите во текот на немирите ноќта кон вторникот биле убиени во текот на нападот врз полициската станица во градот Кахдариџан, во покраината Исхафан, каде што се обиделе да украдат оружје. Во градот Хомејинишахр загинале 11-годишно девојче и 20-годишен маж, а во Неџебфабад припадник на Револуционерната гарда. Според други ирански медиуми, во напад загинал уште еден припадници на гардата, а уште тројца полицајци биле ранети.

Масовните протести во Оран започнаа ноќта на 28-ми декември, во вториот по големина град Машхдад, како израз на незадоволство од тешката економската состојба и зголемувањето на цените, но набрзо беа истакнати пароли против елитата клерици и демонстрантите добија отворена поддршка од челниците на САД, Израел и Велика Британија. Иранскиот претседател Хасан Роухани изјави дека незадоволството е предизвикано од внатрешните проблеми, но не исклучи дека се поттикнати однадвор.

Во вторникот иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи ги обвини непријателите на Исламската Република дека се обединиле за да ја дестабилизираат земјата и власта.

„Во настаните изминативе денови непријателите се обединија користејќи ги своите средства: пари, оружје, политика и разузнавачки служби за да им создадат проблеми на исламската власт“ во Иран, истакна Хамнеи во својот прв говор по избувнувањето на протестите кој го пренесуваше државната телевизија.

„Само чекаат можноста да се вмешаат и да му зададат удар на иранскиот народ. Непријателот може да го одврати само духот на смелоста, жртвите и верата на овој народ, за што сте сведоци и вие“, рече Хамнеи без директно да ги именува непријателите и обраќајќи се пред семејствата на загинати ирански војници во војните.

Властите ги обвинуваат опозициските „контрареволуционерни“ групации коишто дејствуваат надвор од Иран, во прв ред од САД и Саудиска Арабија, дека сакаат да го искористат незадоволство на дел од населението и да поттикнат безредија во земјата. Челникот на иранското правосудство Садек Лариџани, им нареди на обвинителите во понеделникот „остро казнување на бунтовниците“.

Турција во вторникот нагласувајќи дека станува збор за внатрешна работа на Иран изрази загриженост поради информациите за страдање на луѓе. „Веруваме дека е потребно да се избегне насилството и да не се подлегне на провокациите“, објави турското министерство за надворешни работи.

Руското министерство за надворешни работи во соопштение порача, исто така, дека надворешното вмешување ја дестабилизира ситуацијата во земјата и го нарече тоа неприфатливо, имајќи предвид за една од најголемите и највлијателни земји во регионот.