Земјотрес со сила од 6,2 степени според Рихтеровата скала утрово го погоди планинскиот дел на централна Италија, во кој загинаа најмалку 37 лица, додека 150 се водат како исчезнати.
Земјотресот предизвика голема штета, но најверојатно не погоди густо населена област. Најпогодени се местата Акумоли, Аматриче, Поста и Арквата дел Тронто.
Епицентарот на земјотресот е на околу 170 километри од Рим.
„Состојбата е драматична, има многу мртви“, изјави градоначалникот на Аматриче, Серџо Пироци. „Половина село е исчезнато“.
Голем број домови се целосно уништени во областите каде што беше епицентарот на земјотресот, во регионите Марке, Умбрија и Лацио. Локалните жители и спасувачките служби се борат да ги спасат оние кои останаа затрупани под урнатините.
Италијанскиот институт за земјотрес регистрираше 60 последователни потреси во текот на четири часа по првиот удар, при што најсилниот беше 5,5 степени.