Брунеи во средата воведоа нови поостри одредби од шеријатскиот закон, вклучително и смрт со каменување за прељуба и хомосексуален полов однос, и покрај бранот критики од политичарите, познатите личности и групите за заштита на човековите права.
Строгите закони во малата земја на тропскиот остров Борнео, на апсолутниот владетел султанот Хасанал Болкиа, потполно стапија на сила во средата, по една година одложување.
Законот кој, исто така, вклучува и ампутирање на рака и стапала на крадците, е првиот шеријатски закон во источна и југоистична Азија на национално ниво, Брунеи со тоа им се придружи на некои сунитски блискоистични земји, како на пример Саудиска Арабија. Силувањето и разбојништвото, исто така, се казнуваат со смрт и многу од тие нови одредби, како што е смртната казна за наврада на пророкот Мухамед, се однесува и на немуслиманите.
Одлуката на Брунеи предизвика бурни реакции ширум светот. Обединетите нации го нарекоа ваквото казнување „свирепо и нехумано“, а славните личности предводени од холивудскиот актер Џорџ Клуни и поп ѕвездата Елтон Џон повикаа на бојкот на хотелите кои се во сопственост на султанатот Брунеи.
Во јавното обраќање по повод посебниот датум според муслиманскиот календар, султанот повика на поинтензивно проучување на исламот, но не ги спомена новите казнени одредби. Султанот, кој е на престолот повеќе од пет децении, исто така, истакна дека Брунеи се „праведна“ земја, како и дека е „сигурна и пријателска“ за посетителите. Владини функционери подоцна во средата потврдија дека шеријатскиот законик стапил на сила.
Фил Робертсон, заменик директор за Азија на невладината организација Human Rights Watch (HRW), изјави дека занокот е „варврски до с“ржта и наметнува архаични казни за дела кои не би смеело да се казнуваат“.
Европската унија соопшти дека некои од новите казни претставуваат „мачење, свирепо, нехумано или понижувачко постапување“. Тие особено се вознемирувачки за незначителната ЛГБТ заедница во оваа земја.
И пред новиот закон, сексуалниот однос меѓу мажи беше нелегален и се казнуваше со затворска казна во траење до 10 години. Сега се предвидува смртна казна со каменување за хомосексуален полови однос, а за лезбејски 40 удари со камшик или максимално до 10 години затвор.
Минатонеделниот повик на Џорџ Клуни на бојкот на девет хотели во сопственост на Брунеи во Европа и САД го лансираше ова прашање на насловните страници. Потоа со осуди се јавија низа славни личности.
Султанот на Брунеи, кој е вториот владетел на светот според годините минати на престолот, првпат повика на усвојување на шеријатското право уште кон крајот на минатиот век. Политичките коментатори оценуваат дека со тоа сака да го врати сјајот на исламскиот идентитет и да обезбеди поддршка од конзервативците во земјата по слабеење на државното богатство зависно од нафтата, кое последните години го опустоши рецесијата.
Засега не е познато дали навистина ќе се применува смртната казна со каменувањет, имајќи предвид дека за изрекувањето такви казни се потребни убедливи докази. Брунеи, инаку, со децении нема извршено погубување.