Брус Спрингстин ќе го добие признанието на академијата Ајворс

Американскиот рокер Брус Спрингстин ќе стане првиот странски композитор и текстописец кој ќе добие почесно членство на Академијата Ајворс (The Ivors Academy), највисокото признание на оваа асоцијација со седиште во Велика Британија.

Овој 74-годишен пејач, текстописец и гитарист ќе добие признание „за неговиот исклучителен придонес во уметноста на пишувањето песни и влијанието врз културниот пејзаж на Велика Британија“ во Лондон во мај на доделувањето на годишните награди за текстописци и филмски композитори, соопшти Академијата Ајворс.

Спрингстин ќе стане 27-ми член на Академијата, придружувајќи им се на други значајни имиња како Елтон Џон, Стинг, Кејт Буш и Пол Маккартни.

Американецот изјави дека е „горд што е првиот меѓународен композитор и текстописец кој добил признание од Академијата Ајворс“.

„Покрај признанието за моето пишување песни, наградата претставува и почит на фановите и пријателите кои ме поддржуваа мене и мојата работа во изминатите 50 години“, рече Спрингстин.

Спрингстин, чија кариера трае околу пет децении, почнувајќи со објавувањето на неговиот деби албум „Greetings from Asbury Park, N.J.“ во 1973 година, продаде повеќе од 140 милиони плочи ширум светот.

Пејачкот, роден во Њу Џерси, кој го носи прекарот „Boss“, има освоено 20 награди Греми и Оскар. Беше примен во „Рокенрол Куќата на славните“ во 1999 година.

Својот 21-ви студиски албум „Only the Strong Survive“, збирка од обработки на R&B и соул песни, го издаде во 2022 година.

Именувани по велшкиот композитор, актер и забавувач Ајвор Новело (Дејвид Ајвор Дејвис) од почетокот на XX, век, наградите на Академијата Ајворс (поранешната British Academy of Songwriters, Composers, and Authors – BASCA) првпат беа доделени во 1956 година.