Микропретријатија од услужна дејност, пред се продавници и бутици, од Владата бараат бруто платите за вработените да бидат на товар на државата за време на траењето на вонредната состојба поради коронавирусот.
– Следејќи ги препораките на Владата со ново настанатата ситуација во врска со коронавирусот и мерките на претпазливост и ограниченото временско движење, Ние како микро претпријатија од приватниот сектор во услужната дејност (продавници и бутици), од кои поголем дел закупопримачи на деловни објекти во моментов немаме никакви приходи. Бараме бруто платите, додека траат мерките од страна на Владата, да бидат на товар на државата (март, април, мај), велат претставниците на микропретријатија од услужна дејност.
Покрај тоа, нагласуваат тие, бараме да се замрзнат ратите за кредитите во деловните банки, како и плаќањето на тековните сметки за електрична енергија, вода,.., државата да субвенционира неповратни средства (во зависност од бројот на вработени) од 3.000 до 10.000 евра и мораториум за прво тримесечје од 2020 година на аконтација за ДДВ.
– Сите овие мерки бараме да имаат важност се до престанок на важноста на мерките предложени од страна на Владата. Исто така, се обраќаме и до сопствениците (закуподавачите) на деловните објекти да покажат човечност и во тој период да ја замрзнат наемнината, до завршување на владините мерки, односно до стабилизирање на ситуацијата, или до преземање на некои владини мерки со кој и тие би биле обештетени, посочуваат од микропретријатијата од услужна дејност.
Се надеваме, додават тие, дека ќе наидеме на разбирање и од Владата, министерствата за финансии и за економија, како и од закуподавачите за, како што велат, заеднички да ја надминеме оваа криза која му наговестува целосен колапс на приватниот сектор.