Спасовски, Османи и Филипче во изолација, ќе се тестираат на коронавирус

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче во четвртокот го откажаа учесвтвото на состанокот на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски, и истакнаа дека ќе се повлечат во изолација до вторник, кога ќе направи тестирање на Covid-19, а истото го стори и техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Ова следува по информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово на кој присуствуваа и двајцата министрии, е позитивен на коронавирусот. На состанокот присуствуше и техничкиот премиер Оливер Спасовски, а кој како и Филипче и Осамани денеска не се појави на седницата на Советот за безбедност во Вила Водно.

„… Од денеска ќе бидам во домашна изолација. На состанокот ги почитував сите протоколи за заштита и носев заштитна опрема исто како и останатите присутни“, информираше Венко Филипче.

Додава дека ги очекува епидемиолозите од Институтот за јавно здравје кои освен со негое, ќе направат епидемиолошки анкети и со сите други функционери во Владата кои вчера беа присутни на состанокот во Куманово.

„До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување останувам во изолација.

Ние го имавме предвид и се подготвуваме и за ова сценарио. Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а јас и од изолација останувам во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжувам да ги координирам сите процеси во справување со кризата.

Како и досега, Министерството за здравство редовно и навремено ќе информира за состојбата со коронавирусот во земјата, а прес-конференциите ќе ги правиме преку достапните онлајн платформи за оваа намена. Во текот на денот ќе се воспостави техничка можност за ова за да нема застој во однос на информирањето“, навудува Филипче.

Вицепремиерот Османи веќе најави дека утре ќе се тестира на коронавирус, а се очекува да бидат тестирани и премиерот и останатите министри.

„По позитивната потврда за СОVID-19 на Градоначалникот на Куманово, а поради тоа што вчера имавме состанок во општинскиот штаб во Куманово, и покрај тоа што цело време бев со лична заштита маска и ракавици за кои епидемиолозите сметаат дека се доволни за заштита, решив денес да не одам на состанокот на Советот за безбедност кај Претседателот и да се изолирам до вторник кога тестирањето треба да се направи според протоколите. Посакувам на градоначалникот на Куманово брзо закрепнување како и на сите погодени граѓани и што е можно поскоро да излеземе од оваа состојба заедно. Бидете здрави!“, напиша Османи на својот профил на фејсбук“.

Од денеска во 14-дневна самоизолација оди и министерот за образование Абер Адеми. Покрај министрите, во домашна изолација ќе оди и државниот секретар во Министерството за здравство Владо Милошев.

Оттаму велат дека седниците на Владата ќе продолжат да се одржуваат преку видео-конференции како и во последните пет дена, и дека нема никакви пречки за натамошно функционирање на извршната власт.