Буџетот на Елисејската палата се зголемува за 600.000 евра во 2020 година

Буџетот на Елисејската палата е капка вода во буџетот на Франција, но, симболиката е голема. Додека од министерствата се бара да ги затегнат ремените, Елисејската палата ќе го зголеми својот буџет за 600.000 евра во 2020 година, јавува дописникот на МИА.

Весникот „Паризиен“ ја објави оваа вест, откако имаше увид во нацрт-законот за финансии што треба да се донесе во декември. Во предложениот буџет е предвиено „буџетот на претседателството на Републиката“ да премине од 103 милиони евра во 2019 година на 105.316 милиони евра следната година.

Како да се објасни ова зголемување од 2,316 милиони додека социјалната напнатост е се уште многу присутна во земјата, нешто помалку од една година по движењето на „жолтите елеци“? Од страната на претседателството, потврдуваат дека тоа е пред се промена на буџетската линија. „Досега, линија од 1,7 милиони евра наменети за претседателското обезбедување беше поддржана од Министерството за внатрешни работи. Таа само е префрлена во Елисејската палата“, објаснуваат од Елисејската палата за „Паризиен“

Остануваат уште 600.000 евра што го зголемуваат претседателскиот буџет. Палатата објаснува дека со овие пари „ќе ги засилат инвестициите, вклучително за обновување на дел од возниот парк и замена на компјутерската опрема“.

Кон средината на јули, Судот на ревизори ја укори Елисејската палата, откако во 2018 година пронајде надминување на буџетот од 27 отсто (110,3 милиони место 103 милиони евра).

Претседателството објасни дека ова зголемување се должи на „оперативните трошоци за автомобилските услуги“, кои се зголемија за 27 отсто меѓу 2018 и 2017 година.