Максимата младите се нашата иднина не треба да остане само празна максима. Младите се нашата сегашност, па затоа сега, итно и неодложно фокус се става на секој сегмент кој го подобрува младинскиот стандард на живот, изјави Драгана Бојковска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Планираните буџетски средства во 2025 година, насочени кон младите и подобрување на нивниот животен стандард се неколкукратно, рекордно зголемени.
Ставката студентскиот стандард, бележи зголемување од 52% во споредба со предлог Буџетот за 2024 година или обезбедени речиси 2 милијарда денари. Обезбедени се повеќе средства и за субвенциониран студентски оброк.
И ученичкиот стандард бележи раст од цели 94,6% во споредба со 2024 година.
Значително зголемување имаме во ставката за енергетска и ефикасна рехабилитација на студентските домови. Во моментов, се реконструираат студентските домови Кузман Јосифовски Питу и Стив Наумов, а до крајот на мандатот на оваа Влада ќе се реконструираат сите државни студентски домови. Немањето на топла вода, прокапани кровови и нехигиенски услови за живот не смеат да се повторат.
Во делот на Дигитализацијата, во потпрограма Инвестициите во ИКТ имаме зголемување од 95,2% што ќе овозможи да вложиме во младите во современите технологии и дигитални вештини. Издвоени се средства и за ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди за сите студенти на сите универзитети. Нашата младина мора да биде дигитално писмена, да поседува дигитални вештини и да биде во чекор со врсниците од земјите членки на ЕУ.
За активни мерки за вработување на млади се предвидени 2,3 милијарди денари за различни програми и мерки за вработување. Агенцијата за вработување за 2025 година има издвоено значителни средства за поддршка на младинската вработеност.
Дополнително, издвоени се средства за поттикнување и поддршка на претприемништвото кај младите – со овој Буџет, Владата ќе обезбеди финансиска помош од 10 до 30 илјади евра за отворање на бизнис од страна на младите.
Во реализацијата на проекти насочени кон поддршка на младите во Македонија за 2025 година се вклучени повеќе буџетски корисници, односно институции кои имаат надлежности во различни области поврзани со млади, образование, вработување, социјална заштита, дигитализација, спорт, рурален развој и други.
Сите овие ставки и инвестиции претставуваат реални и опипливи промени кои ќе имаат долгорочен позитивен ефект врз државата. Предлог-буџетот за 2025 година е развоен, стабилен и прилагоден на приоритетите на нашето општество.
Ова е буџет кој ќе овозможи нови можности, повеќе инвестиции и поголем квалитет на живот за сите граѓани на нашата земја“, посочи таа.