Буџетскиот дефицит на Соединетите држжави би требало малку да се намали во 2024 година, благодарение на посилното вработување што ќе го зголеми приходот и ќе го ублажи влијанието на повисоките каматни трошоци, проценува институтот CBO.
Буџетскиот дефицит на САД годинава ќе се намали на 1,6 трилиони долари, што би одговарало на 5,6 отсто од бруто домашниот производ (БДП), проценува влијателниот независен институт во кој работат поранешни функционери на американската централна банка, Министерството за финансии и Конгресот.
Минатогодишниот дефицит изнесуваше 1,68 трилиони долари, што одговараше на 6,2 отсто од БДП, пресметаа тие. Би требало да се зголеми повторно следната година, на 1,77 трилиони долари и на 2,57 трилиони долари во 2034 година, што ќе одговара на 6,1 отсто од БДП во двете години.
Намалениот дефицит оваа година ги одразува повисоките приходи од персоналниот данок на доход, кој треба да порасне на 8,8 отсто од БДП, од 8,1 отсто од БДП во 2023 година, проценува институтот. Ќе се зголемат и приходите од корпоративните даноци, од минатогодишните 1,6 на 2,0 отсто од БДП.
Нето каматните трошоци трошат сè поголем дел од буџетот и годинава треба да достигнат 870 милијарди долари, што би одговарало на 3,1 отсто од БДП. Во следната година ќе се зголеми на 951 милијарда долари, што би одговарало на 3,2 отсто од БДП.
Пресметките се засноваат на тековните закони за даноци и трошоци и претпоставуваат дека даночните намалувања усвоени од републиканците како дел од даночната реформа во 2017 година ќе истечат на крајот на следната година, како што е планирано, а приходите повторно ќе се зголемат почнувајќи од 2026 година.
Во нашите проекции, дефицитот е помал од минатогодишните пресметки, благодарение на посилниот економски раст, кој делумно произлегува и од поголемиот број вработени, објасни во соопштението директорот на институтот CBO, Филип Свегел.
Бројот на вработените се зголемил за 5,2 милиони, пред сѐ, благодарение на миграцискиот бран, кој ќе го зголеми БДП-то во периодот од 2023 до 2034 година за седум билиони долари, а даночните приходи за еден трилион долари, додаде Свегел.
Јавниот долг изразен како БДП треба да достигне 99 отсто оваа година и малку да ја надмине вредноста на БДП во 2025 година, според институтот.
Растот на реалниот БДП годинава треба да забави до 1,5 отсто и да биде половина послаб од лани. Би требало да се забрза во 2025 година, со прогнозирана стапка на раст од 2,2 отсто, благодарение на пониските каматни стапки. CBO проценува дека централната банка ќе ги намали во вториот квартал.