![besimi](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/03/besimi.jpg?resize=696%2C399&ssl=1)
Наплатата на приходите во буџетот од почетокот на годината е подобра и во однос на предкризниот период минатата година. Наплатата на приходите во буџетот од почетокот на годинава заклучно средината на март е повисока за 3,1 отсто во однос на истиот период минатата година, додека наплатата на даночните приходи е повисока за 4,2 отсто, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими за Сител.
-Буџетот е во добра кондиција, редовно и навремено се извршуваат обврските. Има раст кај вкупните приходи од 3,1 отсто, кај даночните од 4,2 отсто – со раст на наплатата на ДДВ и данокот на добивка, понатаму има раст на придонесите за 3,7 отсто. Да напоменеме и дека компарацијата е со период кога се уште не се чуствуваат ефектите од ковид-кризата. Трендот е во насока на нашите проекции – рече Бесими.
Според него, иако сѐ уште постојат ризици поради пролонгирање на здравствената криза, остварувањата од почетокот на годината говорат дека ќе се реализира базичното сценарио за раст на економијата од 4,1 отсто во 2021 година. Доколку се пролонгира кризата и се реализира песимистичкото сценарио, растот ќе успори, но сепак ќе остане во позитивната зона.
Во однос на ребаланс на буџетот, министерот посочи дека уште кога се носел буџетот за годинава бил најавен ребаланс за средината на годината, што е практика и во години кога нема криза.