Крај на колумната со заклучок
Никој, ама буквално никој од Македонија нема правен основ да ветува или да заштитува обид за задржување монопол врз одредена стопанска гранка, во овој случај рударството. И уште помалку има право да ветува дека тоа е завршена работа преку изјави на неодговорни општественици и неодговорни и крајно сомнителни документи од научно образовни институции како што е МАНУ. Македонија за нивна жал во одредени сегменти сеуште е организирана држава која има сериозни научници кои знаат и можат и мораат да се вклучат во процесот кој се вика „Целосна Индустријализација“, која ќе ја преобразат Македонија во „Производствено“, а не во „Потрошувачко општество“ кое пак, ќе биде увозно зависно, особено за основните животни производи.
Затоа овој период сме сведоци на еден општествен судир меѓу носителите (кои се извадени од рамнотежа) на подолго време пласираните манипулации и лаги од една страна и носителите на вистината за рударските околности од друга страна. Здраворазумните стануваат се’ погласни пред неуките силеџии, и апелираат до оние исплашени аналитичари, политичари, новинари, екологисти, дипломати, научници… да не молчат, бидејќи влогот е преголем.
Зошто некому му пречи Македонија да влезе во ЕУ како рударски економски џин?
На граѓаните на оваа Држава треба да им се објасни дека нашата почва лежи на милијарди евра во рудно богатство! Сите заедно треба да кажеме СТОП на сиромаштијата! Нема никој повеќе да не’ држи во заложништво!
П.С.1
За оние кои не разбираат. Телеком ниту во највлажните соништа не успеал да креира атмосфера на монопол врз телекомуникацискиот пазар. Затоа ние сме дел од НАТО и еден ден од Европската Унија.
П.С.2
На г-динот Блажо Боев, дописен член на МАНУ и ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, му предлагам да се повлече од сите функции од какви сака причини, додека е време.
Да живее економски просперитетна Македонија!
Почеток на колумната
Наслов во медиум предизвикан од демант, како од соништата за мене: „Солвеј Инвестмент Груп е семејна компанија со седиште во Швајцарија. Матичната компанија на Бучим отфрла секаква поврзаност со Русија“. Во делот на нивните факти од демантот велат дека „Солвеј“ никогаш не бил контролиран или во сопственост на руски државјанин, туку дека е основана од Александар Бронштајн, државјанин на Естонија, кој никогаш немал руски пасош и ја осудува руската инвазија на Украина.
Бидејќи помнењето многу добро сеуште ме држи, веднаш ми доаѓа демантот да го секцирам со мајтап. Нивното ми личи како еден виц со познатиот американски глумец, Чак Норис, кој бил во Македонија на одмор од 2-ри август, и тоа 10 дена, во Крушево 1903 година (Крушевска република) и се сончал на една карпа, под едно дрво, каде во тој момент од страв од Чак висела мечка и сега токму заради тој настан тоа место се вика „Мечкин камен“.
Сериозен фаул од секторот за односи со јавност на „Солвеј Груп Инвестмент“.
Како тргнале во брзо време ќе ја убедуваат јавноста дека врвниот фудбалер Џердан Шаќири (кого инаку го обожувам) и репрезентативец на Швајцарија е роднина на Далај Лама.
Што е вистината? Можеби е точно дека „Солвеј“ групацијата е од светски ранг, ама како што кажав и во претходните колумни, нивните интелектуални сили во голем дел се граѓани на Македонија, кои освен што ги раководат рудниците Бучим и Саса, се убедени дека ова парче земја е: „Поле за финансиско разнебитување и некултурно однесување кон граѓаните на Македонија“.
Што е целта? Демантот на Бучим има за цел да заплаши, да замолчи, да го прекине трагањето по вистината. Истата задача ја имаат лажните еко активисти. Само што Бучим користи нормативен речник, а другите вулгарности, навреди и цинизам. Впрочем демантот на Бучим потсетува на една животна ситуација, која верувам сме ја доживеале сите порано или подоцна. Те прашуваат децата кога прв пат си запалил цигара? Знаеш зошто те прашуваат, молчиш и се правиш наудрен. Зошто, што и да кажеш, кабает си. А, тие упорни, продолжуваат, во седмо, во осмо одделение..? И од немај каде се обидуваш да се извадиш, повишуваш тон и ги лажеш дека не си запалил цигара до 18 години. И завршуваш со закана, ако уште еднаш ме прашате следи…
Што велат архивите? Во 2012 имаше средба помеѓу Зоран Ставревски-министер за финансии и амбасадорот на Руската Федерација, Олег Николаевич Шчебрак кој тогаш изјавува дека големи РУСКИ компании покажуваат зголемена активност и набројува инвестиции меѓу кој и онаа на СОЛВЕЈ во рудниците САСА и БУЧИМ од 50 милиони долари и најавува потенцијал за размена од 1 милијарда долари. Симптоматично тогаш не се јавила потреба за демант од „Солвеј“.
Средба 2019 година по повод јубилеј 40 години од постоењето на Бучим помеѓу амбасадор на Руската Федерација Сергеј Баздникин, заедно со Владимир Хрисанов, трговски советник при амбасадата, во придружба на Ѓорги Дика претседател и Дејан Бешлиев – извршен директор, двајцата од македонско-руската комора и раководството на Бучим, предводено од Николајчо Николов, заменик-менаџер на компанијата. Разговорот е воден исклучиво за развојот на Бучим до 2030 година и тоа преку „НОВИОТ РУДНИК БОРОВ ДОЛ“, како и за развојот на Општина Радовиш. Симптоматично и после оваа средба нема демант на „Солвеј“.
Оваа хронологија на настаните дополнително инвестира во дилемата, каква е улогата на Бучим во креирањето на негативната перцепција на јавноста за отворањето нови рудници? Кои се мотивите некој да си го гази сопствениот углед?
Зошто прашувам?
Момент бр 1: Македонија заклучи преку одредени структури кои ги споменувам дека не може да се отвораат нови рудници, а постоечките со искористување на рудниот потенцијал да се затворат. Само да напоменам тука дека „Боров Дол“ како што заклучува Николајчо Николов не е ново рудно тело на Бучим, туку е нов РУДНИК (како што се Казандол, Генезис, Иловица итн).
Момент бр.2: Во контекст на дилемата, МАНУ во својата стратегија која важи за периодот 2025 до 2045 година утврдил дека во Македонија има само еден рудник и тоа само за бакар, иако Бучим сам потврдува дека има и злато, ама има и уште неколку наоѓалишта за бакар, злато и сребро, кои нормално не можат согласно законот да бидат рудници (не е никаде споменато дека може да се развијат во рудници), ама според законот може да бидат нови рудни тела и тоа нормално само под надлежност на Бучим.
Потврда за ова е понудата до Иловица-Штука од страна на Солвеј груп Инвестментс сопственик на рудникот Бучим за бакар и рудникот САСА за олово-цинкова руда.
Зошто некој упорно сака Бучим да биде единствен суверен во рударството. Дали некој од надлежните барем еднаш не се посомневал и не се распрашал во која соседна земја оди нашето природно богатство? Дали некој свесно уште повеќе не турка во економска и политичка зависност од друга (соседна) Држава?
Се надевам дека сопствениците на Бучим и САСА нема да ја повторат грешката на Германците во Втората Светска Војна после тенковската битка кај КУРСК. Изгубиле зошто донеле на помош супер тешки нови панцир тенкови, што се покажало како многу погубно за нив.
Врати се на почеток!
Некорумпиран колумнист Виктор Грозданов.
Автор: Виктор Грозданов за НетПрес