Бучковски: Ако не изнајдеме решение со Бугарија додека е Заев премиер, ќе влеземе во нова неизвесност

Ако не се договориме сега со Софија, додека Зоран Заев е премиер, ќе влеземе во нова неизвесност, изјавил за Дојче веле специјалниот претставник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски, кому пред една недела му беше продолжен мандатот на оваа функција.

– Доколку не изнајдеме решение додека Заев е премиер, тогаш ќе влеземе во нова неизвесност, бидејќи повторно ќе загубиме многу време. А ние веќе немаме време за чекање! Предолго ја чекавме Бугарија да има политичка влада. Премиерот Заев останува на позицијата за да го затвори овој процес на преговори со новиот бугарски премиер. Тоа е исклучително важно за утврдување на временската рамка за изнаоѓање на компромисно решение и за кревање на блокадата од страна на Бугарија. Да не заборавиме дека идниот претседавач со ЕУ, Франција има претседателски избори во април. Заради тоа, немаме многу време пред да почне нивната кампања. И завчера на Софискиот форум потенцирав дека прозорецот на можности е отворен сега – истакнал Бучковски.

Тој вели дека не стравува кој ќе го води бугарското Министерство за надворешни работи (МНР), откако во јавноста се појавија информации дека наводно шефот на бугарската дипломатија ќе дојде од редовите на партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов, која го оправдуваше бугарското вето за Македонија.

– Јас лично не стравувам од тоа кој ќе го води бугарското МНР во новата Влада. Тој мора да ги следи владините политики. Позициите на новата владина коалиција се јавно обелоденети за време на нивните транспарентни преговори. Дефинитивно ние очекуваме конструктивен пристап од бугарска страна и промена на методологијата на имплементирање на нашиот Договор за пријателство и соработка, со интензивна работа на заедничките работни групи за различни области – економија, инфраструктура, образование, култура, човекови права, но и засилена работа на заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања – објаснува Бучковски.