Бучковски: Убеден сум дека ќе најдеме решение, но можеби ќе треба повеќе време

Убеден сум дека ќе најдеме решение, но не за седум дена. Можеби ќе биде потребно дополнително време, но сме на вистинскиот пат, порача поранешниот премиер Владо Бучковски по средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи откако вчера беше назначен за специјален претставник на земјава во Бугарија.

Тој смета дека Северна Македонија има сериозни аргументи кои ги испорачала на другата страна, а воздржаноста односно „молкот“ на македонската страна во јавноста вели дека е добар. Не сакаше конкретно да открие кои чекори ќе се преземат во наредните неколку денови за да се фати возот за прва Меѓувладина конференција до крајот на годината.

„Јас заради моето искуство нема да прифатам со нашите бугарски пријатели да ги испраќаме пораките преку медиумите. Интензивно работи нашата комисија, имаме инструменти кои ги дава Договорот. Ако тие инструменти и досега се користеа немаше да дојде до оваа криза бидејќи според мене, затоа што ги слушам често и сугестиите и критиките кон нас, ние имаме сериозни аргументи кои се испорачани на другата страна. Се чекаат реакциите од другата страна. Го почитувам и она што го знам врз основа на слични кризни, молкот од наша страна. Кога се молчи е подобро за да дојдеме до посакуваното решение“, изјави Бучковски на заедничката прес-конференција со Османи.

Експремиерот вели дека од бугарска страна, тој и уште еден бивш премиер Љупчо Георгиевски и професорот Денко Малевски се посочуваат како трите личности кои макотрпно се борат за исполнување на Договорот и затоа вели, имајќи го предвид неговото именување за специјален пратеник и бугарскиот Меморандум, пред нив е сериозен предизвик да го забрзаат спроведувањето на Договорот.

„Не само во делот на историските прашања, од друга страна и во инфраструктурните проекти, заедничките капитални проекти, соработката во образованието, културата … е голем предизвик и мислам дека амбициозниот план на МНР е дополнителен предизвик да настапиме во овој период кога не знаеме дали за една недела може да се случи чудо“, рече Османи.

Тој уште еднаш порача дека не никаков ас од ракав или џокер, но го има искуството на своја страна.

„Се надевам дека со искуството и со довербата која ја имам и во бугарската јавност ќе бидам јасен сигнал за посветеноста на нашата влада во исполнувањето на обврските од Договорот. Со задоволство го прифатив предизвикот зашто сум убеден дека можеме да стигнеме до решение кое ќе го деблокира процесот, а од друга страна ќе биде во духот на европските вредности со целосно почитување на нашето достоинство“, вели експремиерот, а сега специјален претставник на земјава во Бугарија.

Шефот на дипломатијата, Османи, пак, вели дека назначувањето на Бучковски е еден од низата механизми за да се засили довербата во политичкиот дијалог и да се врати довербата во Договорот за пријателство од 2017.

„Во таа насока, нашата интенција е да се посветиме на имплементација на Договорот и преку назначување на специјален претставник чија мандатна цел ќе биде реализацијата на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот. Многу е важно што не назначуваме техничко лице туку поранешен премиер кој во својот мандат има остварено значаен придонес во унапредување на односите меѓу двете земји кој во исто време е и добар познавач на билатералните односи меѓу двете земји“, изјави Османи додавајќи дека на тој начин се пополнува и празнината што земјава нема назначено амбасадор во Софија туку има само вршител на должноста.

Тој уште еднаш порача дека Договорот со Бугарија е единствената рамка низ која може да се надминат разликите и затоа таа треба да се зачува и да се врати чувството на доверба.