Голманот на Парма и поранешен италијански репрезентативец Џанлуиџи Буфон повтори дека ќе ја бодри фудбалската репрезентација на Камерун на Светското првенство во Катар, пренесува италијанскиот „Раи радио Уно“.
Буфон (45) го освои Светското првенство со Италија во 2006 година. „Азурите“ нема да играат на Мундијалот во Катар, а не играа ниту на првенството во Русија пред четири години.
– Камерун отсекогаш бил мојот втор тим. Тие се во моето срце уште од Светското првенство во Шпанија во 1982 година, бидејќи Камерун тогаш не загуби ниту еден натпревар, но не успеа да се пласира во втората фаза. Во Италија во 1990 година како луд навивав за нив. Имаа фудбалери како Томас Н’Коно, поради кој решив да станам голман. Тогаш за Камерун играа Роже Мила, Франсоа Омам-Биџик, тие беа моите херои. Наизуст ја знам репрезентацијата на Камерун од 1990 година, изјави Буфон.
Камерун на Светското првенство во Катар ќе игра во група со Србија, Бразил и Швајцарија.
Буфон изјави дека на денот на отворањето на Мундијалот не почувствувал возбуда каква што очекувал.