Бугарија ја одложува подготвителната фаза за влез во еврозоната

Поради глобалната криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот Бугарија ќе ја одложи подготвителната фаза за влегување во еврозоната до 2021 година, изјави во понеделникот гувернерот на централната банка Димитар Радев.

Бугарија е една од најсиромашните но и најмалку задолжените членки на Европската унија, и очекуваше дека во јули годинава да влезе во двегодишниот Европски курсов механизам 2 (ERM-2), и во европската банкарска унија.

„Зацртаните рокови за влез во банкарската унија и за учество во Европскиот курсов механизам повеќе не се реални. Тоа не значи дека работата на тоа мора да престане. Доколку продолжиме како досега… и покрај моменталното многу тешко и сложено опкружување, одложувањето до 2021 година нема да биде фатално“, рече во понеделникот во изјава за телевозијата Нова ТВ, гувернерот Радев.

Притоа Бугарија, според него, не би требала да ја повтори грешката од глобалната финансиска криза во 2009 година и да го одложи влегувањето во ERM-II и банкарската унија до новиот циклус, што би можело да потрае и повеќе од 10 години.

„Не би смееле да ја повториме таа грешка, бидејќи трошоците и за луѓето и за компаниите овојпат би биле многу поголеми“, рече челникот на бугарската централна банка.

Владата и централната банка оваа седмица ќе ги претстави новите мерки за сузбивање на последиците од кризата којашто ја предизвикува пандемијата од коронавирусот, вклучително и можноста за ново задолжување за државата и одложување на плаќањата на ратите од кредитите за граѓаните и компаниите.