Државната новинска агенција објави во средата дека побарала одговор од Европската комисија за тоа до каде е потпишувањето на договорот за Фронтекс меѓу Македонија и Европската унија, а како што известува проблемот е употребата на термонот „македонски јазик“, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европската унија е во процес на потпишување на договор со земјите од западен Балкан за Фронтекс, односно за интегрирано гранично управување, една од стратешките точки во борбата против нелегалната миграција во ЕУ, бидејќи земјите од регионот се наоѓаат на клучната „балканска рута“.
Во последните две години, ЕУ ваков договор потпиша со Албанија, Црна Гора и со Србија.
Со Македонија договорот за Фронтекс е инициран во јули 2018 година, но до денес станува непотпишан, поради противењето на Бугарија. Во врска со тоа МИА од Европската комисија го добила следниот одговор на прашање до каде е потпишувањето на договорот:
„Референцата ‘македонски јазик’ е единствената пречка што преостанува за потпишување на договорот, за други детали обратете се директно кај националните власти“, стои во писмениот одговор од Европската комисија до МИА.
Од Комисијата не биле во можност да одговорат дали ова прашање наскоро ќе се реши и дали тоа има безбедносни импликации за Европската унија.