
Бугарија е подготвена да ги продолжи преговорите со „Газпром“ за испораките на гас и очекува одговор од руската државна компанија во блиска иднина, изјави во петокот техничкиот министер за енергетика Росен Христов.
Испораките на рускиот природен гас за Бугарија беа прекинати кон крајот на април, кога тогашната влада на премиерот Кирил Петков следејќи некои од западните земји одби на „Газпром“ да му исплаќа за количествата примен енергенс според новата шема во рубљи.. Односно со отворање две сметки во „Газпромбанк“, едната на којашто се уплаќа во долари или евра, а на втората банката откако ќе ги продаде на Москвоската берза ги депонира во руската валута и го врши плаќањето.
„Сѐ уште не се водат активни преговори со ‘Газпром’, но привремената влада испрати известување за подготвеност за продолжување на преговорите“, изјави Христов за телевизијата Nova TV и прецизираше дека одговорот од руската компанија го очекува уште во петок или во понеделник.
„Јасно ставивме до знаење дека сакаме да ги започнеме преговорите или, подобро кажано, да ги продолжиме за да се разјаснат некои од спорните услови во договорот. Едноставно испративме информација дека сме подготвени за преговори и побаравме од нив да се обнови договорот“, додаде Христов.
Меѓу предлозите од официјалниот кабинет е и продолжување на рокот за добивање на преостанатите количества гас.
„Ние не можеме да ги расходуваме количествата гас според тој договор. Бугарија има намера да му понуди на ‘Газпром’ да го продолжи периодот на повлекување на гасот според договорот кој истекува годинава на 2023 година“, додаде бугарскиот министер.
Притоа Христов прецизираше дека нема да се водат преговори за потпишување нов договор.
„Имаме договор според кој, доколку не го исполниме, должиме милијарди, од друга страна, според него можеме да добиеме гас кој е еден од најевтините што може да се најде. И се прашуваме да ли да го користиме или не…“, ја опиша Христов ситуацијата со можното обновување на преговорите за набавка на гас од „Газпром“.
Рече дека ја сфаќа геополитичката ситуација и политиките, но оти „економијата е економија“.,
„Колку повеќе ја мешаме политиката со економијата и изборните кампањи со економијата, толку работите стануваат полоши за крајните потрошувачи“, додаде Христов.
Во текот на уводот на градбата за интерконекторот со Грција, Христов посочи дека течниот природен гас (LNG) од двата танкера договорени од претходниот премиер Кирил Петков, кои треба да бидат испразнети во септември во грчкото пристаниште Ревитуса, е 50 отсто поскап од гасот кој може да се добие од руски „Газпром“.
„Ситуацијата е јасна: имаме договор со ‘Газпром’ за набавка на 3 милијарди кубни метри гас и обврска да искористиме најмалку 80 отсто од тоа количество. Доколку не го сториме тоа, должни сме да платиме, без разлика дали сме ги искористиле или не. Досега според постојниот договор сме потрошиле милијарда кубни метри, а би требало да се 2,4 милијарди. И доколку не го искористиме преостанатото количество, веројатно ќе одиме на арбитражен суд со можност да загубиме деветцифрена сума, зависи кој како смета. Од друга страна потребни ни се испораки на гасот по најниска можна цена“, додаде Христов.
Потсети дека бројни земји од ЕУ, како Германија, Италија, Грција и Австрија ја прифатиле шемата за плаќање наметната од Москва, затоа што оцениле дека промената на условите за плаќање не е суштински услов и нема да добијат при меѓународна арбитража.
На 27-ми април руски „Газпром“ целосно го прекина снабдувањето со гас за бугарската компанија „Булгаргаз“ поради одбивањето испораките да се исплаќаат во рубљи, според новиот модел што го одреди Москва поради западните санкции наметнати поради војната во Украина врз нејзиниот финансиски сектор. Според него, компанијата нарачател треба да отвори сметка во „Газпромбанк“ на која ја врши уплатата во евра или долар и втора преку која банката ги продава валутите на Московската берза за рубљи и се врши плаќањето. Но Софија, солидаризирајќи се земјите во ЕИ и НАТО, иако водечки компании од Европа се согласија на таквиот начин на плаќање, одби да ја променува таа шема.
Подоцна бугарската влада водена од Кирил Петков објави дека пронашла алтернативни правци на снабдување, вклучително и увоз на течен природен гас (LNG) од САД и испораки од Азербејџан, и тоа по значително пониски ценит отколку што ги нуди „Газпром“
Од друга страна, гасот во јули во Бугарија чинеше 186.17 (или 95.34 лева) без дополнителни давачки за мегават-час, а во август цената скокна на рекордните 297,89 лева (149 евра) за мегават час, а се прогнозира дека цената на енергенсот во септември ќе се зголеми за дополнителни 6 отсто. Според бизнис заедницата, во моментов прифатлива цена би била 250 лева (124 евра) за мегаватчас без давачките за пристап, пренос, акциза и ДДВ.