Бугарија го одобри нацрт-договорот со Македонија за изградба на прекуграничната железница

Владата на Бугарија го одобри нацрт-договорот со Северна Македонија за изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“. Ќе се формира мешовит комитет и ќе се разговара со македонската страна за текстот на договорот, соопшти денеска прес-службата на Советот на министри, пренесува БТА.

Целта е да се направат јасни обврски и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Северна Македонија.

– Министерството за транспорт и врски како страна на договорот предлага двете страни да преземат реални активности за реализација на објектот на железничкиот тунел, кој е железничка врска меѓу двете соседни земји. Изградбата на стратешкиот транспортен Коридор 8 е предуслов за комерцијална и индустриска размена, како на билатерална основа меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, така и за земјите од регионот – се наведува во соопштението.

Договорот предвидува формирање Мешовит комитет кој ќе ги координира сите активности поврзани со изградбата и работењето на тунелот Деве Баир. Министерството за транспорт и врски на Бугарија ќе разговара со Република Северна Македонија за текстот на договорот.

Во декември, се наведува во информацијата, Министерството за транспорт и врски побара јасни заложби и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и тие да бидат направени во меѓувладин договор.

За третиот дел од пругата кон Бугарија македонската и бугарската страна досега одржаа две средби. Една во Брисел на 16 октомври кога се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8 и една во Софија на 31 октомври по која македонската страна објави дека се прифатени нејзините аргументи: да има заеднички проект за да не се гради тунел кој не води никаде, Бугарија да го заврши својот дел од пругата и да се ревидира цената и на самиот проект.

Во повик за планираната трета средба во Скопје, министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, изјави дека бугарската страна треба да собере храброст да се затвори ова прашање.

– Нашите аргумети се јасни – мора да се направи ревизија на цената, бидејќи е невозможно 560 милиони евра да чини изградба на пруга сосе електрификација. Мора да има заедничко проектирање на потенцијалниот тунел што треба да ги спојува двете држави и да си го завршат нивниот дел од работата, односно да се спојат до граница – рече Николоски, во Собранието на 29 ноември.

Првиот дел од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар веќе се заокружува и ќе биде пуштен во употреба во јануари. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, изградени 27,3 проценти, а рокот е 2026 година.