Бугарија може да се обиде да ја злоупотреби ситуацијата со бугарските пасоши, вели Османи

Бугарија би можела да се обиде да ја злоупотреби ситуацијата со повеќе од 80.00 бугарски пасоши кои ги поседуваат македонски државјани, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг(ФАЦ).

Сепак, тој вели дека уште поголем закана ни претстои ако не станеме дел од ЕУ бидејќи тогаш граѓаните ќе бидат принудени да аплицираат за бугарски пасоши од социјални и од економски причини.

– Знам дека зад барањата за малцинските права стојат нечесни намери. Но, за мене поголема закана е дека сѐ додека нашите граѓани не се дел од ЕУ, тие ќе бидат принудени да аплицираат за бугарски пасоши од социјални и економски причини – наведува Османи во интервјуто за ФАЦ.

Прашан дали има гаранции оти Бугарија нема да поставува натамошни барања по евентуалното усвојување на уставните измени, Османи вели дека никој не може да знае што ќе донесе следниот ден, пренесува Дојче веле.

– За жал, често сме биле разочарани, а динамиката во бугарската политика е толку несигурна што не се знае што ќе донесе утрешниот ден. Прилично сум сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања. Но, за мене е важно што е на агендата на ЕУ, ништо друго. Ние постигнавме компромис со Бугарија, акциски план за малцинствата. Сакаме темата да ја префрлиме од историски интерпретации и идентитетски прашања кон човековите и малцинските права, затоа што во тоа сме добри. Тоа го кажувам како човек кој не доаѓа од најголемата етничка група во земјата. Северна Македонија изгради уникатен модел на функционална мултиетничка демократија, наспроти сите скептици кои сметаа дека тоа на Балканот не е можно – вели Османи.

Шефот на дипломатијата смета дека анкетите кои покажуваат оти големото мнозинство граѓани се против уставните измени се погрешно интерпретирани.

– Граѓаните го отфрлаат вметнувањето на идентитетско-политичките конфликти во процесот на проширување на ЕУ, но од претстојните уставни измени нема таква опасност, напротив, посочува Османи и дополнува дека тие „ќе ја зацврстат и прошират мултиетничката демократија“.