Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков ќе престојува во еднодневна посета на Грција, каде на покана на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ќе учествува на официјалната церемонија по повод завршувањето на изградбата на меѓусистемската гасна врска Грција-Бугарија.
Настанот ќе се одржи во областа на градот Комотини, каде заедно со премиерите на Бугарија и Грција ќе присуствува и министерот за енергетика на Азербејџан Парвиз Шахбазов.
Интерконекторот е од големо значење не само за развојот на нашите региони, туку и за енергетската независност и безбедност на Бугарија. Гасната врска Грција-Бугарија ќе ги поврзе мрежите за пренос на гас на двете соседни земји, со што Бугарија ќе добие пристап до Јужниот гасен коридор и до голем број нови извори на природен гас, објави кабинетот на Петков.
Имплементацијата на проектот, кој беше започнат пред речиси 12 години, е успешно завршен откако доби голем поттик во последните 6 месеци. На почетокот на јули завршија главните градежни работи. Линеарниот дел е целосно завршен – сите цевки се заварени, поставени, закопани и хидротестирани. Положените хидраулични тестови гарантираат дека објектот ја има потребната цврстина, ги исполнува сите индустриски стандарди и е квалитетно изграден.
Воведувањето во комерцијална работа на интерконекторот Грција-Бугарија ќе се реализира по завршување на задолжителните административни процедури, а дотогаш Бугарија во целост ќе ги добива договорените количини азербејџански гас на привремената точка на испорака – Неа Месемврија.