Бугарската партија Има таков народ (ИТН) во понеделникот му го врати мандатот за формирање влада на претседателот Румен Радев, откако не успеа да формира стабилна коалиција.
ИТН заврши на шестото место на изборите на 8-ми јуни, со само 16 пратеници во 240-члениот парламент.
„Сфативме дека немаме заеднички цели и затоа го враќаме мандатот“, изјави лидерот на ИТН, Тошко Јорданов.
Радев сега мора да назначи привремен премиер и во наредните денови мора да распише нови избори, седмите од 2021 година, кои мора да се одржат во следните два месеца.
„Спиралата на нерешени избори продолжува и тоа не само што создава иритација, туку и покренува низа деструктивни процеси“, рече бугарскиот претседател.
Бугарија е најсиромашната земја во Европската унија и една од најкорумпираните. Нема стабилна влада од 2020 година, кога со антикорупциски протести беше соборена коалицијата предводена од ГЕРБ, партија на десниот центар.
Изборите во јуни беа распишани по распадот на коалицијата ГЕРБ, мнозинската владејачка партија во последните 15 години и партијата Продолжуваме со променинте (ПП). На тие избори ГЕРБ освои 68 пратеници, а ПП 39. И двете партии се декларираат како проевропски и пропазарни, но склони се кон внатрешни борби и лични ривалства.
На Бугарија ѝ е неопходен период на стабилна влада за да се забрза протокот на европските фондови. Софија сака да стане членка на еврозоната и шенген зоната. Планот за приклучување кон еврозоната веќе двапати беше одложен поради неуспехот на Софија да ја ограничи инфлацијата.