Бугарија е подготвена за разговори, но каде и кога засега не е договорено. Ова за ТВ 24 го изјави Иван Димов, советник во кабинетот на министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, по изјавата на нашиот министер за надворешни работи, Бујар Османи дека ќе се интензивира комуникацијата меѓу македонската и бугарската влада.
„Никогаш не сме откажале да седнеме на една маса со нашите пријатели и да разговараме за сите отворени прашања, со нашиот сосед“, изјавил Димов за ТВ 24, додавајќи дека Бугарија треба да се гледа како земја која и дава безрезервна поддршка на Македонија за членство во ЕУ.
„Се договоривме да се состанеме на највисоко политичко ниво, меѓутоа паралелно и комисиите да продолжат со работа. Не се случува ништо вонредно во односите, освен што треба да се менаџираат ваквите отстапувања од рамката којашто е потпишана“, изјави денеска Османи, на заедничката прес-конференција со генералната секретарка на Регионален совет за соработка (РЦЦ), Мајлинда Брегу, додавајќи дека се договара датум за средбата.
Тој одби да коментира што доколку Комисијата не постигне решение за отворените прашањ, ниту пак да говори за тнр. црвени линии, истакнувајќи дека Договорот за пријателство Бугарија ги дефинира рамката и инструментите за соработка и за надминување на разликите, а единствен начин е комуникацијата.
Во меморандумот, што официјална Софија минатата недела го испрати до земјте членки на ЕУ во пресрет на првата меѓувладина конференција на нашата земја и ЕУ, се посочува дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања, и притоа обвинува за наводна „државна антибугарска идеологија“. Бугарија ги повикува властите во Скопје да „раскинат со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“, што според Бугарија било причина за „етничкиот инженеринг“ во Северна Македонија.
Од Владата истакнаа дека тврдењата и изјавите што содржат навреди не водат кон пријателство и посочија дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка создава правна рамка и нуди инструменти за менаџирање на билатералните прашања.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој кога беше потпишан Договорот со Бугарија беше министер за надворешни работи, во интервју за „360 Степени“ го коментираше меморандумот на Бугарија и дали е изненаден од тонот во документот.
„Во определени делови е многу навредлив и дефинитивно не е во функција на градење на блискост, на пријателство, на заедничка европска иднина“, вели димитров во интервјуто.
Германија, која претседава со Европската Унија, смета дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување на Унијата. Нивната амбасадорка во земјава, Анке Холштајн, викендов во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира овој процес.