Бугарија привремено го прекинува увозот на семки од сончоглед од Украина

Бугарската влада се согласи привремено да го прекине увозот на семки од сончоглед од Украина, по протестите на фармерите, изјави во средата премиерот Николај Денков, ветувајќи поддршка за домашното земјоделско производство.

Минатиот четврток Бугарија ја укина забраната за увоз на украински земјоделски производи, застанувајќи на страната на аргументот за намалување на цените и истапувајќи од групата земји од ЕУ – Полска, Словачка и Унграрија, кои одлучија еднострано да ја продолжат за да го заштитат домашното земјоделско производство.

„Укинувањето на забраната нема да ја загрози конкурентноста на бугарските земјоделци“, се наведува во одлуката.

Бугарските земјоделци протестираат и ги блокираа патиштата на почетокот на седмица, барајќи забрана за увоз на пченица, пченка и сончоглед од Украина во страв од ниските увозни цени. По протестот, владата сепак се согласи привремено да го прекине увозот на семки од сончоглед, изјави премиерот Денков.

Илија Проданов, претставник на демонстрантите, во средата на бТВ потврди дека претходната вечер постигнале договор со владата. Според овој договор, увозот на семки од сончоглед ќе биде суспендиран додека Бугарија и Украина не се договорат за квотите.

Минатиот петок, Европската комисија ја укина привремената забрана за извоз на украинска пченица, пченка, маслодајна репка и сончоглед на пазарот на ЕУ, а Украина се согласи да воведе мерки, како што е систем за извозни дозволи, во рок од 30 дена за да се избегне ненадеен скок во испораките.

Украинските власти требаше да воведат мерки за контрола на извозот до 16-ти септември, а „акционен план“ до крајот на работниот ден во понеделникот. Во вторникот Киев одобри воведување лиценци за извоз на група земјоделски производи во пет соседни земји во ЕУ, соопшти Министерството за земјоделство, наведувајќи дека тие ќе се издаваат само по договор со увозниците.

Киев ќе преговара за списокот и количината на производи со земјите увозници, кои ќе одлучат дали се подготвени да ги прифатат овие стоки, во колкави количини и во која временска рамка, се наведува во соопштението за печатот.

„Дури тогаш ќе им издадеме лиценци на нашите компании за извоз на одредени производи. Украина го контролира својот извоз и го координира со земјите приматели“, се додава во соопштението.

Договорот меѓу Бугарија и Украина ќе треба да почека до планираниот состанок меѓу Европската комисија и Украина за трговија со земјоделски производи.

Киев на почетокот на неделата најави тужба против Полска, Словачка и Унгарија поради едностраната забрана за увоз, а портпаролот на Светската трговска организација (СТО – WTO) потврди дека Украина поднела жалба до нив и со тоа го направила првиот чекор во процесот на трговскиот спор.