Втората најголема партија парламентот на Бугарија, Продолжуваме со промената, најави во саботата дека во понеделник ќе го врати мандатот за формирање влада којшто беше доделен на нејзиниот кандидат за премиер Николај Денков.
Партијата Продолжуваме со промената на поранешниот премиер Кирил Петков, која се обиде да формира малцинска влада со партијата Демократска Бугарија, вчера не доби поддршка од Парламентот. „За” гласаа 63 пратеници, а „против” беа 114 од 240 пратеници.
Пратениците од партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов и проруската националистичка партија Преродба беа против, додека три политички опции беа воздржани, вклучително и Бугарската социјалистичка партија (БСП), поранешен сојузник на партијата на Кирил Петков.
Коалицијата на Бојко Борисов, која на вонредните парламентарни избори на 2-ри октомври освои најмногу гласови, но само 67 мандати, во декември не успеа да обезбеди мнозинство во Парламентот.
Бугарскиот претседател Румен Радев сега мора да побара од третата најмоќна политичка опција за формирање влада, а тоа е центристичката партија Движење за права и слободи. Доколку и таа не успее да формира влада, Радев мора да го распушти парламентот и да распише нови избори, петти во изминатите две години.
Политичката криза во Бугарија трае од 2020 година, кога земјата беше потресена од демонстрации против владата на Бојко Борисов, каде илјадници бараа елиминирање на корупцијата и политичкото мешање во работата на медиумите и ефективна реформа на судството. Обидите на владата на Бојко Борисов да ги запре протестите со насилство поттикнаа дополнителен гнев и доведоа до подлабока поларизација на општеството.
Од април 2021 година, кога се одржаа последните редовни парламентарни избори, формирањето на стабилна влада е спречено поради острата поларизација меѓу партиите и нивната недоволна сила.
Оттогаш, Радев назначи неколку преодни влади, а единствената во полн капацитет, предводена од Петков, беше формирана по вонредните избори во ноември 2021 година, но нестабилната четиричлена коалиција се распадна по само шест месеци, во јуни 2022 година.
Долготрајната политичка блокада може да го загрози планираниот влез на Бугарија во еврозоната на 1-ви јануари 2024 година и користењето на фондовите на ЕУ за закрепнување на земјата, а ќе ги одложи реформите неопходни за борба против корупцијата.