Бугарија гради ограда на границата со Турција и со Грција

По затворањето на бегалската рута преку Балканот и Егејот, се повеќе мигранти од Турција се обидуваат да стасаат до Европа преку Бугарија поради што официјална Софија ја разгледува можноста за изградба на огради на границите со Грција и Турција, објави германскиот весник „Билд“.

Документот на Заедничкиот центар за анализа и стратегија за илегалната миграција во чија изработка учествуваа германската тајна служба, полицијата и други агенции, а каде „Билд“ имал увид, наведува дека порастот на бројот на мигранти што влегуваат во Бугарија укажуваат на значајни пропусти за време на контролата на влезот во таа земја што доведува до зголемување на криумчарењето.

Извештајот предупредува дека во случај на преместување на бегалската рута, кадровски и материјално ослабената бугарска полиција во краток рок би можела да биде преоптоварена, пред се поради финансиските недостатоци.

Бугарската влада, според тој извештај ќе ја разгледа можноста за кревање на ограда долж одредени делови на границата со Грција, како и за продолжување на оградата долж турската граница за уште 160 километри ова лето.