![332316922_682654736968765_2947059042571196226_n](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/02/332316922_682654736968765_2947059042571196226_n.jpg?resize=696%2C524&ssl=1)
Фондација „Македонија“ и под дрво, и под камен бара кој да биде основач на новото здружение во Валандово. Отворањето е закажено за 15 дена, името нема да биде навредливо за Македонија, собрале 10-тина луѓе, но, човекот кој беше посочен како основач и претседател тврди дека нема никаква врска со регистрацијата на новиот клуб. Сепак, претседателот на фондацијата, Виктор Стојанов упорно го промовира валандовчанецот Ѓорги Петровски дека ќе го регистрира клубот па дури и дека канцеларијата ќе била во неговиот дом.
„Основач е Ѓорѓи Претровски и други Бугари од Валандово. Сакаме со тој клуб да има можност да се спријателуваат Македонците и Бугарите, и клубот да помогне да доаѓаат бугарски туристи во Валандово и регионот, да има театарски претстави од Бугарија, да има бугарска музика.. На секој начин Македонците во Бугарија овој клуб да им биде врата кон Бугарија“ тврди Стојанов – претседател на Фондација „Македонија“.
Наспроти Стојанов, Петровски за Алфа демантира дека стои зад отворањето на новиот клуб.
„Во врска со отворањето на клубот во Валандово не би давал изјави во следните неколку денови. Не стојам позади отворањето на клубот, ниту ќе регистрирам здружение во Централниот регистар. Немам информации кои и колку луѓе работат на отворање на здружението бидејќи не сум дел од истото“ вели Петровски за Алфа.
Од Фондација Македонија остануваат на ставот дека клубот ќе се отвори за 15-тина дена, а за Алфа откриваат дека името нема да биде спорно и ќе гласи Здружение на Бугари – Валандово. Сепак, засега немаат поднесено барање до Централниот регистар.
„Некои имаат бугарски пасош, повеќето немаат. Зборуваме за 10-тина луѓе, тие се основачите на клубот, како што ја сакаат Бугарија така ја сакаат и Македонија и сакаат да соработуваат со локалните жители за подобра европска иднина на Македонија“ вели Стојанов за Алфа.