Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска, се сретна со Ѓорѓи Трендафилов и со Љупчо Ѓоргиевски, претставници на различни организации на бугарската заедница во Македонија.
Како што соопшти МНР, на средбата, која поминала во позитивна атмосфера, биле размените мислења за прашања коишто ја засегаат бугарската заедница во Македонија, предизвиците со кои се соочуваат здруженијата, како и можностите за подиректна и поинтензивна соработка со државата.
Средбата се случува ден пред истекот на рокот во кој согласно измените на Законот за здруженија и фондации, постоечките бугарски здруженија „Ванчо Михаилов“ и „Цар Борис Трети“, треба да ги сменат имињата, во спротивно се соочуваат со нивно затворање.
По едночасовната средба во МНР Ѓорѓи Трендафилов рече дека со министерот Бујар османи имале корисна средба која во голема мера била продолжение на разговорите од Брисел.
– Го известивме за содржината на разговорите со еврокомесарот Оливер Вархеји и со групации од Европскиот Парламент кои ќе се обидат со нивните политички истомисленици и групации овде во Македонија да помогнат да се смират тензиите на релација Скопје-Софија и во порелкасирана атмосфера да почне да се спроведуваат одредбите и од Договорот со Бугарија и од францускиот предлог, за да може Македонија по извештајот за напредокот во октомври да ги отпочне официјално преговорите со ЕУ – изјави Трендафилов.
Одговарајќи на новинарско прашање, во однос на извештајот од Советот на Европа дека нема системска дискриминација во земјава рече дека негово право е да не се согласи со тоа.
Активноста на македонските Бугари, според него, ќе биде во насока на придонесување колку повеќе може да се релаксираат односите. Што се однесува до обвинувањата за говор на омраза во одредени медиуми, Трендафилов кажа дека таа тема била спомената на средбата, но се обидувале да не дозволат тоа да доминира на состанокот. Тој додаде дека не разговарале за тепањето на Пендиков, но таквите теми, како што кажа, биле осудени од Вархеји и сите политички фракции во двете држави ќе се обидат да бидат откриени и казнети виновниците за да не се случи она што се случи на 4 февруари.