Бугарската дипломатија не е информирана за француската иницијатива

Бугарското министерство за надворешни работи во четвртокот одговори дека не е информирано за француската иницијатива, што првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби ја спомена претходно денеска, информира бугарската агенција БГНЕС.

„Во дипломатските кругови нема таков предлог, соопшти Брисел“, пишува БГНЕС.

Претходно, Груби изјави дека постои француска иницијатива за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија и оти се поднесени одговорите кон сите прашања што ги има испратено Бугарија.

Додаде дека чекаат новите бугарски власти, претседателот Румен Радев и новата влада, да му пристапат на дијалогот околу овие прашања на конструктивен начин, со цел да се постигне зделка што ќе ја отвори вратата на Македонија кон Европската унија.