Бугарскиот европратеник Ковачев вели мали се шансите до утре да ја променат позицијата

Бугарскиот европратеник од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, Андреј Ковачев, вели дека се мали шансите да има промена на бугарската позиција за Северна Македонија во пресрет на утрешниот состанок на Советот на министри на ЕУ.

„Малку е веројатно дека утре или во следните неколку часа ќе има развој на сегашната состојба, особено ако се земе предвид неуспехот на последниот состанок на заедничката бугарско-македонска историска комисија од минатата недела“, изјави Ковачев, пренесува БГНЕС.

Тој ја обвинува македонската страна дека се обидува да најде разни изговори и тврди дека бугарските избори кои треба да се одржат во март немаат никаква врска со бугарската позиција бидејќи сите политички партии во Бугарија се согласуваат дека не може да се прави компромис со историјата и јасните историски факти. Тој порачува дека е потребна поголема храброст од страна на премиер Зоран Заев, а ако македонскиот тим во историската комисија се плаши да ги прифати фактите, тогаш ќе треба да се најде друг начин за да се спроведе Договорот за добрососедство.

„Не можеме да дозволиме младите во Република Северна Македонија да бидат воспитувани со омраза кон Бугарија. Последните три децении, ние постојано покажуваме добра волја, бевме први што ги признавме како независна држава, го браневме нивниот територијален интегритет, дававме разновидна помош вклучително и воена и ги враќавме на патот на европската интеграција. Од друга страна, гледаме дека тие не се во можност да се разделат од приодот на Тито и не се подготвени да ги отстранат поделбите наметнати од комунистичкиот режим“, вели Ковачев.