Министерство за надворешни работи на Бугарија денеска соопшти дека е подготвено да продолжи со потпишувањето на Протоколот, согласно член 12 од Договорот за пријателство и добрососедство со Република Северна Македонија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, ваквото соопштение на бугарското МНР следи по вчерашната одлуката на Народното собрание на Бугарија со која се дава зелено светло на предлогот на француското претседателство за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
Во соопштението на Министерството се вели дека „е време одговорните фактори во Република Северна Македонија, не со зборови, туку со дела, да ја покажат својата посветеност и желба за сопствената и европската иднина на регионот”.
– Брзината со која Република Северна Македонија ќе пристапи кон членство во Европската унија зависи од неа и нема да се одложи доколку земјата ги исполни преземените обврски во однос на европските вредности и добрососедските односи, се наведува во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.