Резервите на Бундесбанк не се доволни ако Грциjа излезе од Еврозоната

Гувернерот на германската централна банка Бундесбанк, Јенс Вајдман ја предупредил Владата во Берлин за загубите, што институцијата ќе ги претрпи при евентуалното излегување на Грција од еврозоната, објави германскиот весник „Ханделсблат“.

Како што пренесе ТАСС, на владината седница од 1 јули Вајдман посочил дека при евентуален излез на Грција од Монетарната унија, Бундесбанк нема да може во државната каса да ги внесе вообичаените суми.

Министерството за финансии досега очекуваше од Централната банка да има годишна заработка од 2,5 милијарди евра.

Според Вајдман, евентуалните загуби од „Грекзит“ треба да бидат пресметани и при составувањето на државниот буџет.

Бундесбанк во резерва чува 14,4 милијарди евра за непредвидливи трошоци при кризи во еврозоната. Mеѓутоа, резервите на Бундесбанк не се доволни ако Грциjа излезе од Еврозоната, забележа „Ханделсблат“.