![germanija bundestag zname](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/germanija-bundestag-zname.jpg?resize=696%2C522&ssl=1)
Германскиот парламент во петокот го прифати, со гласовите на претставниците на партиите од владејачката коалиција, новиот закон за државјанство со кој се олеснува стекнувањето германски пасош и се дозволува двојно државјанство.
За изменетиот закон за државјанство гласаа 382 пратеници, а против 234 пратеници, меѓу кои и пратеничките групи на опозициската унија на демохристијаните Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската Христијанско-социјална унија (CSU), како и крајно десната европскептична и противдоселеничка Алтернатива за Германија (AfD).
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, од влдејачката Социјалдемократската партија на Германија (SPD), изјави дека измените во законот водат кон „модерен закон кој е повеќе во согласност со новите реалности“. „Тоа е признание за оние кои доаѓаат во оваа земја и придонесуваат за функционирањето на ова општество“, рече Фезер, алудирајќи на големата потреба на Германија од квалификувана работна сила од странство.
Според новиот закон, странците кои живеат во Германија можат да аплицираат за државјанство по пет, наместо претходните осум години законски престој. Во случаи кога апликантот покажува посебен напредок во процесот на интеграција, како што се брзо учење на германскиот јазик, напредок на работа, апликацијата може да се поднесе и по три години.
Во иднина е дозволено и двојното државјанство, кое досега беше дозволено само во исклучителни случаи, како и за граѓаните на Европската унија.
Апликантите за државјанство ќе мора да потпишат и изјава за верност кон германскиот уставен поредок. Во случај на непочитување на германскиот устав, особено на делот поврзан со расизам, антисемитизам и дискриминација врз основа на пол, државјанството може повторно да се одземе во рок од десет години.
Во предлог-законот, германската влада, по ескалацијата на судирот на Блискиот исток и величењето на исламистичкото палестинско движење Хамас меѓу делови од германското население, вметната е изјава за посветеност на делот поврзан со антисемитизмот и „Посебната историска одговорност на Германија за националсоцијалистичкиот режим“ и „заштита на еврејскиот живот“.
Потенцијалните апликанти за германски пасош, исто така, ќе треба да можат финансиски да се издржуваат себеси и своето семејство. Исклучоци постојат за ткн генерација на „првите гастарбајтери“, кои поради тоа што работеле на пониско платени работни места, денес добиваат помали пензии и затоа се зависни од државна помош.
Децата на странците во Германија автоматски ќе добијат германско државјанство под услов барем еден родител да живее во Германија најмалку пет години.
Обвинувања за „распродажба“ на германското државјанство
Портпаролот на Христијанско-демократската унија (CDU) за внатрешна политика Александар Тром рече дека овој закон за државјанство е „потег со најдалекусежни последици од овој изборен период“.
„Условите за стекнување германско државјанство се едноставно премногу благи. Правото на државјанство по три години е едноставно премногу кратко“, рече Тром.
Унијата CDU/CSU ја обвини владејачката социјалдемократско-зелено-либерална коалиција дека го „продава“ германското државјанство.
„Додека другите земји, како Франција ја креваат границата кога станува збор за стекнување државјанство, ние ја наведнуваме“, рече Тром.
CDU, исто така, го критикуваше фактот дека некои верски практики, како што е одбивањето да се ракува со жените, не доведува до одбивање на барањата за државјанство.
Истовремено, турската заедница во Германија вели дека новиот закон „насочено под лупа ги става одредени групи граѓани“, посочувајќи дека правилото за еднаквост меѓу мажите и жените загарантирано со уставот не требало да биде конкретно вклучено во законот.