Тешка ова дипломатијава. За оние што не ја разбираат. Затоа самопрогласените октроирани „величини“ се „згрозуваат од незнаење или неукост“ на нас „обичните“.
Колку треба да си очаен да изјавиш дека не можеме да „разликуваме стриктно унилатерална толкувачка изјава“ што ги отсликува позициите на една земја членка на ЕУ – Бугарија, од документот на ЕУ за проширувањето. Затоа била премолчена вистината за изјавата на Бугарија, дадена на записник, според која Македонија треба да заборави на постоењето на македонското малцинство во Бугарија и на „македoнскиот јазик“, употребувајќи само „службен јазик на РСМ“, како и брзо да ја заврши работата со експертската комисија за историските прашања… ако сака да продолжи со преговорите за интеграција со ЕУ. Зарем толку не’ прават недоветни дека ние „обичните“ ќе ја купиме приказната за необврзувачкиот карактер на изјавата на Бугарија. Боже, која навреда на здравата памет.
Да не беше објаснувањето на фејсбук министерот за надворешни работи за малку ќе поверував дека повторно ни е наметнат некој нов ирационален услов (како оној со името) од земја членка на ЕУ, за отпочување на преговорите за членство. Затоа треба да се читаат неговите интелектуални дипломатски досетки, за работите да станат појасни. Зарем можев да помислам дека ЕУ ќе прифати нешто што се коси со европските вредности? Зарем ЕУ би му го срушила сонот на фејсбук министерот за нејзината доследност и принципиелност? Тоа не може да се случи во неговиот замислен свет.
Ако добро го слушав, ова со Бугарија би требало да наликува на бура во чаша вода, што би рекол поранешен ГенСек на Советот на Европа, Швимер, кога не’ нарече славомакедонци. А, не е. И не може да биде. Тогаш, „спонтана“ хистерија за името, сега молк. Како чудно се менуваат времињата.
Власта знаеше дека тешкиот историски процес за меѓународно етаблирање на македонскиот идентитет, конечното решавање на македонското прашање, нужно бара соочување со предизвиците со соседите. И онака храбро и бескомпромисно се соочи со нив. Име на држава, јазик, историја, па ако сакате и опстанок на државата, се мала цена за оваа власт, што ја плаќа за меѓународно етаблирање на македонскиот идентитет. Се прашувам само кој? Оној идентитет за „понадвор“ на кој алудира фејсбук министерот за надворешни работи? Или некој друг нивен, замислен.
Како досега не ја согледав храброста и жртвите на нашата „бескомпромисно“ поданичка дипломатија во одбрана на македонската идентитет. Како досега не видов дека нашата надворешна политика имала за цел признавање на суверенитетот на македонската држава, а со тоа и потврда на националниот идентитет од другите суверени актери на меѓународната сцена. Затоа не сум можел да ја согледам и разберам големината на жртвата на оваа власт и нејзините експоненти во надворешната политика. Од никого побарана. Само уште малкуте останати неистружени шахти ќе ја воспеваат големината на таквата жртва. Ќе сведочат за нивната епска посветеност да не’ избришат од идентитетскта мапа на Европа, достојна за восхит.
Велат дека политичкиот консензус за надворешната политика се смета за национална безбедносна стратегија, со особено значење во време на меѓународна криза и неизвесност. Очигледно дека оваа власт сметаше дека за промена на името на државата, идентитетот, историјата и нејзиниот опстанок не е потребен таков консунзус. Замислете да имавме такво единство колку ќе им отежнавме на нашите соседи да ги искористат внатрешните поделби во преговорите за името, или добрососедството. Замислете да имавме црвени линии како држава. Оваа власт никогаш немала такви ограничувања. Затоа постигнувањето единство околу националните интереси никогаш не го доживувала како израз на национална одговорност, или интерес на нацијата. Улогата што си ја додели во транзицијата е да глуми „државотворност“. Онаа „државотворност“ која ја користи како алиби и покритие секогаш кога треба да се обезличи македонската држава и деформира нејзиниот национален концепт на постоење. Секогаш низ историјата „државотворните“ се раководеле од туѓи, а не од национални интереси. Зашто сега би било исклучок.
Ниту во договорот од Преспа, ниту во договорот за добрососедство со Бугарија ќе го детектирате националниот идентитет како влијателен во спроведувањето на надворешната политика на државава од оваа власт. Со вакви „испорачувачи„ во надворешната политика залудно е да барате поврзување на надворешната политика со националниот идентитет. А, се’ се врти околу него во овие два договора. Тврдеа дека со нив го забетонирале македонскиот идентитет. Каде тоа? Во изјавата на Бугарија? Зарем за момент помислија дека продажбата на националниот идентитет може да се сокрие? Во сеуште глобализираниот свет.
Германскиот канцелар Герхард Шредер во еден говор од 1999 година ќе спомене дека
„Ние секогаш ќе бидеме поврзани во Европа со апсолутна цел да најдеме заеднички решенија за заеднички проблеми и да дејствуваме со товарот на еден свет кој брзо се менува, не затоа што сакаме да се откажеме, или да ги нивелираме нашите национални идентитети, туку затоа што сакаме да ги зачуваме овие идентитети и да ги вклучиме во заедничкиот европски идентитет“.
Сите влегоа во Европа зачувувајќи го своите национални идентитети, освен ние. Со оваа власт тешко дека ќе го премостиме јазот помеѓу идентитетскиот мемориски фолдер на македонското општество и верувањето на креаторите на одлуките за надворешна политика дека треба да ги жртвуваме идентитетските компоненти на македонската држава, за да влеземе во НАТО и ЕУ. Дека треба да се обезличиме за да бидеме дел од европското семејство.
Инаку, како потсетување: нагласувањето на идентитетот во социо културен контекст на надворешната политика не е во спротивност со стратешкото дејствување и субјективната рационалност на таквата политика. Затоа да не ми мантраат дека не можело поинаку. Дипломатијата е креирана за тоа. За да може поинаку. Ако знаете како.
Сепак, мислам дека оваа власт може и повеќе и подобро. Зарем јазикот, малцинствата и историјата треба да им се пречка на „државотворните“. Зарем на чекор до остварување на сонот на генерациите комунисти да станеме дел од Европа, сега ќе потклекнат. Ќе се предадат. Мора да е болно за нив кога гледаат од кого дојде условувањето. Од Бугарија. Од онаа Бугарија која им служеше за потсмев во минатото. Гледам, не се смеат повеќе.
Комунистите, па макар и редизајнирани, во сонот за Европа. Бесценето. За нив никогаш ништо немало цена. Други им ја определувале. Замислувам како би ја личело црвената петокрака покрај жолтите звезди на Унијата. Интернационалата заменета со Ода на радоста. Grande belezza (преубаво). Надреалистички, признавам.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес