Британците денеска се соочуваат со транспортен хаос, бидејќи железничкиот превоз низ целата земја е откажан откако бурата „Иша“ донесе силни ветришта со брзина од 160 километри на час и обилни дождови во земјата во текот на ноќта.
Илјадници луѓе останаа без струја поради прекин на напојувањето и транспортните мрежи низ Британија, а многумина можеби ќе останат без струја и до вторник попладне.
Исто така, повеќе од 170.000 домови се без струја во Ирска, а 45.000 во Северна Ирска.
Паднатите дрвја го попречија транспортот, а делови од патиштата М9 и М74 беа затворени во текот на ноќта, додека патниот правец А1 кон југ, беше затворен во Торнтонлок поради превртен камион.
Синоќа, Организацијата за истражување на торнадо и бури соопшти дека постои ризик од силни бури со појави на град низ цела Ирска и поголемиот дел од Шкотска.
Денеска во Англија и Велс се „можни“ едно или две торнада, предупреди Организацијата за истражување на торнадо и бури (ТОРО).
Се очекува бурата „Иша“ да донесе силен ветер низ целата земја, со жолти предупредувања до напладне. Се очекуваат оштетувања на куќи и на згради, поради паднати дрвја, прекин на електричната енергија, летечки отпад, големи бранови, па дури и поплави.