Бурата Јота однела повеќе од 30 животи во Централна Америка, стотици илјади луѓе ги напуштиле своите домови

Повеќе од 30 лица загинале во бурата Јота, која предизвикала поплави ширум Централна Америка и принудила стотици илјади луѓе да ги напуштат своите домови, што би можело да доведе до миграција во САД.

Како што наведува “Reuters”, се очекува бројот на настрадани да порасне кога спасувачите ќе ги пребаруваат изолираните заедници.

Во многу села од северна Колумбија до јужно Мексико забележани се рекордни нивоа на надојдени реки предизвикани од врнежите, што предизвикало свлечишта, а погодени се и градови како Сан Педро Суле во Хондуарс.

Аеродромот во тој град е поплавен во целост, а како што се гледа на една снимка објавена на социјалните мрежи, авио-мостовите за качување на патници повеќе личеле на пристаништа, додека крошните на дрвјата биле одвај видливи над “морето од матна вода”.

Бурата Јота го погодила брегот на Никарагва во понеделникот, со силен ветар со брзина до 250 километри на час, поплавувајќи села кои се уште закрепнуваат од ударот на ураганот Ета од пред две недели.

Околу 160.000 граѓани на Никарагва и 70.000 граѓани на Хондуарс биле принудени да побегнат во засолништа.

Повеќето од настраданите се од Никарагва.

Иако Јота во голема мерка се повлекла од Салвадор, властите во Никарагва и Хондуарс се борат со последиците од повеќедневните силни врнежи.

Американскиот Национален центар за урагани предупредил дека Јота би можела денес да предизвика дополнителни поплави и свлечишта ширум Централна Америка, додека се повлекува западно кон Тихиот океан.