„Буре барут“ во изведба на Народниот театар од Истанбул вечерва на „Охридско лето“

Во рамки на драмскиот дел на програмата на „Охридско лето“ вечерва на сцената „Долни Сарај“ од 21 часот ќе биде изведена театарската претстава „Буре барут“ на Дејан Дуковски во изведба на Народниот театар од Истанбул.

Оваа претстава е прикажана во многу европски земји, но и надвор од Европа. Драмското дело е составено од 11 различни приказни, поврзани во целина. Секоја сцена во „Буре барут“ е самостојна и секогаш еден од ликовите го има и во следната сцена, при што тие ликови – провлекувачи, како да се обединуваат во една целина. „Буре барут“ претставува хипер-реална алегорија на балканскиот социо-културен стереотип.

Јилдирај Шахинлер, режисерот на оваа поставка на делото на Дејан Дуковски, на денешната прес-конференција во Охрид изрази голема благодарност до „Охридско лето“ што му е дадена шанса да се претстави на фестивалот, заедно со актерската екипа на истанбулскиот театар.

– Ова е прекрасно место, прекрасен град полн со култура со извонреден фестивал. Гледајќи ги содржините на фестивалот и уметниците што настапуваат тука, очигледен е квалитетот на „Охридско лето“. Македонија е прекрасна земја, културата на ова место може да се согледа низ секоја куќа, преку возбудата на луѓето што се дел од фестивалот. Почестени сме што сме поканети тука, рече Шахинлер.

За реализацијата на претставата рече дека е работена со шаренолика екипа, со актери на возраст од 25 до 60 години, од кои неколкумина соработуваат децении наназад.

– Работиме и со млади актери кои ги одбираме преку аудиции. Изведуваме најразлични претстави. Со текстот на драмата се запознав преку филмот „Буре барут“, согледувајќи дека текстот и сценариото за претставата и тоа како ја отсликува и Турција. Мојот пристап е да работам преку импровизации, се разбира со дозвола на драматургот, така што вметнати се одредени измени, а претставата е адаптирана така што сметам дека се работи за извонредна изведба. Фестивалската публика вечерва ќе може да види турска претстава, поинаква изведба на „Буре барут“, појасни тој.

Актерката Башак Гумулџенеилоглу од своја страна истакна дека токму заради улогата во претставата го продолжила својот престој во Турција, оттаму што работи во Лондон.

– Пораката што ја испраќа драмскиот текст е универзална, важна, безвременска, да не речам актуелна во секој дел од светот, особено за овие простори. После три години активна соработка сите ние како актери функционираме како семејство што секако претставува квалитет повеќе во нашата игра, рече таа.

Екран Џан, актер кој е дел од оваа поставка на „ Буре барут“ кусо истакна дека претставата е изновредна, истакнувајќи дека секој од актерите е горд што е дел од неа.

– Верувам дека повторно ќе дојдеме тука, повторно да играме со уште некоја претстава, во оваа прекрасна земја, рече тој.

Јилдирај Шахинлер од дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Истанбул во 1990 година ја почнува својата професионална кариера во Театарот во Истанбул. Работи и како актер и како режисер. Како актер неговото име е поврзано со многу водечки улоги како Лопахин, Гилгамеш, Стенли (Роденденска забава)…, а како режисер, неговото име се спомнува во Тарту (Безирѓан), Роденден, Алеви Гиллер (Ден во пламен), Ничија земја… Тој, исто така, е основач и уметнички директор на Истанбул „Халк Театар“. Работел како професор на неколку универзитети, а во моментов е уметнички директор на Универзитетот за театар во Истанбул, „Халк Театар“.

Заедно со него вечерва на сцената „Долни Сарај“ ќе настапат уште и Ајтек Енал, Башак Ѓумулџинелиоглу, Еркан Џан, Фарук Акгерен, Рухи Сари, Рија Енал, Ашкин Шенол и Бахтијар Енгин.