Буркина Фасо и Мали ги распоредија своите борбени авиони во базите на територијата на Нигер каде војската, исто како и во двете земји кон крајот на јули изведе државен удар, потврдувајќи ја солидарноста со соседната земја и со цел да се одврати секоја можност за надворешна воена агресија, објави ноќта кон саботата нигериската телевизија RTN.
Информацијата дојде само неколку часа откако агенцијата Reuters, повикувајќи се на висок функционер извести дека Западноафриканскиот економски блок ECOWAS го договорил „Денот-Д“ за можна воена интервенција во Нигер за да го врати на власт тамошниот претседател кого војската го собори на 26-ти јули доколку пропаднат дипломатските обиди.
Во извештајот на нигерската телевизија RTN се истакнува дека со стационирањето на своите борбени авиони во Нигер, Буркина Фасо и Мали, каде што преврати беа изведени во 2020 и 2022 година, „ги реализираат сввоите обврски содржани во нивното заедничко коминикие за солидарност“ со соседната земја во субсахарскиот регион Сахел кој повеќе од деценија се соочува со џихадистички бунтови. Чекорот е преземен „за да се отфрли секаков вид агресија против Нигер“, се истакнува во информацијата.
Во прилогот на RTN, исто така, се наведува дека во нигерската престолнина Нијамеј се одржал состанок на офицерите на генералштабовите на Мали, Буркина Фасо и Нигер, „за финализирање на планот за одбивање на кукавичката и незаконска агресија осмислена од Економската заедница на земјите во Западна Африка (ECOWAS)“.
Телевизијата истакнува и дека „состанокот на началниците на генералштабовите на трите братски земји ја одрезува волјата на лидерите (на трите земји) да го заштитат Нигер и неговиот народ од секаков вид агресија“. RTN нагласува дека оската Бамако-Уагадугу-Нијамеј е „пример за солидарност, пријателство и, што е најважно, братство“.
Претходно во петокот ноќта комесарот за мир и безбедност на ECOWAS, Абдел Фату-Муса по состанокот на началниците на генералштабовите на земјите членки на организацијата во Акра, главниот град на Гана, потврди дека бил одреден точниот датум за инвазијата на здружените сили во Нигер, но на го објави, како и поединости за неа. Сепак, додаде дека се надева дека уште во сабота ECOWAS ќе се обиде во Нигер да испрати делегација којашто воената хунта треба да ја убеди да го врати на власт соборениот претседател Мохамед Базум.
На крајот на јули, властите на Буркина Фасо и Мали кои изминатите години ги протераа од своите територии трупите на Франција, во заедничко коминике објавија дека имаат намера секоја воена интервенција во Нигер да ја сметаат како објава на војна против нив. Тие ветија дека „ќе преземат мерки за самоодбрана за поддршка на вооружените сили и народот на Нигер“.