„Оптимизам за решение на името“, „Контакти на високо ниво за скопското прашање“; „Разговор на премиерот на Скопје со Ципрас и Коѕијас“, се дел од насловите во грчките медиуми по посетата на премиерот ЗоранЗаев на Солун за Нова година и разговорот со грчкиот колега Алексис Ципрас.
За разлика од претходно, кога ретко кога имаше простор во вестите за проблемот со името, сега случувања во македонско – грчките односи се дел и од централните вести на сите грчки телевизии, пренесува 24Вести.
Во интервју за грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ, пак, солунскиот градоначалник Бутарис, кој вечераше со Заев во Солун вели дека глупостите на политичарите се „виновни“ што „прашањето за името излегло од колосек“. Бутарис открива дека премиерот Заев му кажал дека е подготвен за решение.
„Луѓето сакаат да си најдат идентитет. Со отстапки од двете страни, но и од опозицијата, подготвени се за компромис. Господинот Заев рече дека ќе го смени името на аеродромот, ќе ги смени таблите на улиците“, вели Јанис Бутарис, градоначалник на Солун
Новата рунда на преговарачите за името Васко Наумовски и Адамантиос Василакис ќе се одржи на 18-ти и 19-ти јануари во Њујорк. Премиерот Заев, пак, во вторникот, исто така, изрази оптимизам дека во првата половина на 2018 година може да се најде решение за спорот.
„Република Македонија е решена во првото полугодие суштествено, вистински да навлезе во решавањето на проблемот со името што Грција го има со нашето уставно име. Јас сум убеден дека е можно да се најде решение, секако за тоа е потребна подготвеност и од другата страна, мене ми е драго што и од таа страна постои оптимизам“, рече Заев.
И грчкиот премиер Ципрас во радио интервју исто така кажа дека е оптимист за прашањето за името, но вели очекува и конкретни чекори од македонска страна. Во однос пак на телефонскиот разговор со Заев, од кабинетот на Ципрас не кажаа за што се зборувало, туку само нотираа дека Ципрас на колегата му ја честитал.