Цако- момчето кое со љубов полека но сигурно го освојува Балканот

Даунов синдром е состојба која ја предизвикуваат одредени генетски модификации, односно нарушувања. Најчесто лицата кои ја имаат оваа состојба имаат одредени интелектуални попречености и типични физички карактеристики.

Иако некои од физичките карактеристики не можат да бидат надминати или пак променети, соодветното образование и грижа може да го подобри квалитетот на живот кај овие луѓе, а со тоа тие да станат интегриран и продуктивен дел на нашето општество.

Таква е приказната со еден од хероите на нашето време- Александар Матовски- Цако.

Цако е момче кое е родено со Даунов синдром во 1991 година. Ваквата состојба воопшто не ги поколеба  неговите родители Зоран и Снежана константно да вложуваат и да работат со него.  Покрај родителите, неговата постара сестра Марија и помалиот брат Бојан претставуваат огромна потпора во развојот на ова момче. Поддршката од страна на сите роднини, пријатели, професионалци кои работат на ова поле, како и постојаната вклученост во редовниот образовен процес (градинка „Росица“-Скопје, ОУ „Димо Хаџи Димов“-Скопје, средното училиште „Кочо Рацин“-Скопје и моментално Педагошкиот факултет „Климент Охридски“-Скопје) навистина направија од Цако херој на нашето време.

Покрај многуте дарби, она што го прави Цако посебен е неговата склоност кон пишувањето поезија. Потресен од смртта на својот дедо, Цако почнува чувствата да ги изразува на лист хартија. Понатаму, почнува да твори за се она што го опкружува, за сите негови, желби, перцепции, па дури и стравови. Така се раѓаат неговите две збирки поезија „Бисери“ и „Шарен свет“.

cako1

 

 

 

Цако со својата упорност за успех и љубовта кон светот веќе ја шармираше македонската јавност.

Но, неговиот пат не застанува тука…

Во пресрет на овогодинешниот 21ви март, Цако ќе ја има и својата прва промоција надвор од нашите граници- во Бања Лука, Република Српска на 13.03.2014 година.

Ова е само мал доказ дека со посветеност, упорност и љубов може да се дофатат многу високи врвови и да се постигне посакуваното.