Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници спречија еден обид за увоз на гориво чиј увоз е забранет и откриени се повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани девизи, цигари, облека, обувки, боја за јајца, верски украси, мобилни телефони, тонери и фалсификати.
Вкупно 12.000 швајцарски франци се откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Цирих. Во специјален појас, обвиткан околу телото на патникот, пронајдени се 24 илјади швајцарски франци, од кои 12 илјади франци – противвредност на 10 илјади евра, износ што резидент може слободно да го внесе во државата му се вратени, а останатите 12 илјади франци се привремено задржани.
Седум илјади евра се откриени на граничниот премин Табановце при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, со кое за излез од државата се пријавиле двајца македонски државјани. Во рачна ташна сопственост на сопатникот во возилото, пронајдени се девет илјади евра, од кои, согласно законските одредби на патникот му се вратени две илјади евра, а останатите седум илјади евра се задржани.
Триесет штеки цигари Marlboro Gold оriginal, без акцизни маркички, се откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, во соработка со аеродромската служаба, при контрола на чекираниот багаж на македонски државјанин кој имал намера да отпатува со лет за Лондон.
Во заплената се и пет штеки цигари TROCADERO Slims blue и RODEO Slims, со македонски акцизни маркички, откриени на граничниот премин Деве Баир, при контрола на патничко возило со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјанин, пријавено за излез од државата. Непријавените цигари биле сокриени во левиот и десен праг на возилото и во фабричка шуплина над задното лево тркало на возилото.
Царината заплени и 157 готови текстилни производи (детска облека) и 200 пара женски чевли, откриени во два одвоени случаи, од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај, 157 готови текстилни производи пронајдени се во патните торби на македонски државјанин, патник во автобус, што сообраќал на релација Истанбул-Куманово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.
Во вториот случај, при контрола на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 2, пронајдени се 200 пара женски чевли, што не биле опфатени со приложените царински документи.
Запленети се и 90 готови текстилни производи (фустани, кошули, панталони, блузи, палта, јакни и друго) и шест пара патики, кои што се откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на британски државјанин, кој допатувал со лет од Лондон.