Царината заплени девизи и цигари

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија една царинска измама и повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани девизи, цигари, патничко возило, регистарски таблички, разни употребувани производи, додатоци на исхраната, козметички производи, камера за видео надзор, очила и фалсификати.

При претрес на словенечки државјанин, кој управувал возило со словенечки таблички  цариниците на граничниот премин Табановце кај него нашле  20.000 евра, од кои 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, му се вратени. На скопскиот аеродром Алекандар Велики при претрес на македонски државјанин кој допатувал од Цирих биле откриени 12.000 швајцарски франци.Патникот пријавил дека носи со себе околу 11.000 швајцарски франци и нешто евра, но при извршен личен претрес, во неколку коверти сместени во џебовите од неговата јакна, пронајдени се 19.000 франци и 4.000 евра. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 10.000 евра (4.000 евра и 7.000 франци), износ што може слободно да се внесе во државата.

Cigari, Blace

На граничниот премин Блаце цариниците при контрола на патничко возило со косовски таблички откриле 77 штеки цигари „Вест“ со косовски акцизни маркички. Цигарите се пронајдени во патнички куфер, сместен на задното седиште на возилото. На скопскиот аеродром при контрола на багажот се откриени 60 штеки цигари „Л&М“ Ред Лабел, со странски акцизни маркички, исто така кај косовски државјанин, кој имал намера да отпатува за Гетеборг.  Царината заплени уште 289 кутии цигари „Јорк“ со македонски акцизни маркички, на граничниот премин Делчево, при контрола на патничко возило со македонски таблички, управувано од македонски државјанин. Цигарите биле сокриени во специјално изработено скривалиште во резервоарот за гас на возилото.