Вкупно 68 парчиња непријавена облека со потпис на познатите трговски марки „Бос“ и „Ралф Лаурен“, се запленети од страна на мобилен тим на влез во државата на граничен премин Деве Баир по извршена контрола на автобус. Против патникот во чиј багаж се откриени непријавените парчиња облека се води прекршочна постапка, а започната е и постапка за заштита на право од интелектуална сопственост.
Мобилен тим на граничен премин Дојран спречи обид за нелегален внес на поголема количина патрони за ловечка пушка. Истите се откриени при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин.
Имено, поради сомневање во изјавата на лицето дека нема ништо за пријавување, инспекторите пристапија кон детален преглед на возилото при што пронајдени се вкупно 90 патрони ловечка муниција, сокриена на повеќе места – под возачкото и совозачкото седиште, под патосникот пред совозачкото седиште, под потпирачот за раце на задното седиште, во најлонска кеса сместена во детското седиште и во багажниот простор.
Непријавената ловечка муниција е привремено задржана, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Утринава во два часот после полноќ, на наплатна станица Петровец мобилен тим стопираше автобус кој сообраќа на вонредна линија Скопје – Истанбул – Скопје, при што во багажот на еден од патниците откри поголема количина на непријавена стока за која патникот не поседувал документ за платени царински давачки. Станува збор за вкупно 1.190 парчиња разни производи меѓу коишто ременчиња за часовници, батерии за слушни апарати, маски за телефони.
Царински службеници на граничен премин Богородица на влез во државата спречија обид за нелегален внес на 9.600 парчиња цигари или вкупно 48 штеки цигари откриени при контрола на автомобил управуван од унгарски државјанин. Штеките со цигари се откриени во просторот за и околу резервната гума како и во една од патните торби.
Царински службеници на граничен премин Богородица спречија обид за нелегален изнес на девизи во износ од 10 илјади евра откриени кај возач на автобус. Имено на прашање на царинските службеници дали возачот и патниците имаат нешто да пријават истите одговориле дека немаат ништо за пријавување. Возачот на автобусот повторно бил прашан дали има нешто за пријавување при што истиот одговорил дека носи со себе само две илјади евра. Поради сомневање во изјавата е извршен претрес при што покрај пријавените девизи под појасот на неговите фармерки биле пронајдени уште 10.000 евра.
Согласно Законот за девизно работење на патникот му се вратени 2000 евра, што македонски државјани можат да ги изнесат од државата без да ги пријават, а останатите се задржани. Против лицето е поднесена пријава за девизен прекршок.