Цариниците запленија девизи, делови за автобуси, стоматолошки материјали и рисивери

Во текот на минатите две недели, царинските службеници открија неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани  девизи, делови за автобуси, приколка за превоз на возила, стоматолошки материјали и рисивери.

Задржана е следната стока:

Девизи

– 10.450 евра, откриени при контрола на бугарски автомобил и личен претрес на возачот, бугарски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Делчево. Возачот пријавил дека со себе носи 7.000 евра, но при контролата извршена во соработка со полициските службеници од граничниот премин, во џеб од неговата јакна биле пронајдени 10.000 евра и 920 левови, додека во ташничка сместена меѓу предните седишта биле пронајдени уште 10.000 евра. Согласно законските прописи, на возачот му биле вратени 9.550 евра и 920 левови, противвредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а за сторениот прекршок е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Делови за автобуси и шлеп-приколка

– 3 комплети ламела, потисна плоча и лагер, марка SACHS, и 1 хидраулична спона, BOSCHоткриени при контрола на употребуван автобус со привремени турски таблички, управуван од македонски државјанин, кој со транзитна декларација го пријавил автобусот како царинска стока на влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи биле пронајдени во фабричка преграда на која немало рачка за отварање, но се отварала со помош на сајла сокриена во друга соседна преграда. Производите се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– една приколка за транспорт на возила, со бугарски таблички, во која царинските службеници од граничниот премин Богородицица откриле специјално подготвен бункер, со димензии 340Х140Х30 центиметри, во просторот меѓу подот и шасијата, по целата должина на приколката. Приколката била закачена за бугарски автомобил, пријавен за влез во државата, управуван од бугарски државјанин кој изјавил дека оди за Србија да товари возило во дефект. Поради сомневање дека бункерот може да се користи за криумчарење стока, приколката е привремено задржана а против возачот е  поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Стоматолошки материјали

– 176 комплети вештачки заби од марката REBI TEETH, 4 комплети заби од марката MAJOR DENT, 12 парчиња материјал за пломбирање BRILLIANT NG-2 и 1 глава за чистење заби E GENERATOR LED, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. Непријавените производи, пронајдени во просторот за резервна гума и под совозачкото седиште на возилото, се привремено задржани, а проти возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

Техничка стока

– 3 рисивери СYNAPS  и 11 парчиња POWERBOX HDоткриени при контрола на српски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавени за влез во државата на граничниот премин Тбановце автопат. Непријавените производи, пронајдени во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.