![berza volstrit](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/09/berza-volstrit.jpg?resize=696%2C391&ssl=1)
Берзанските индекси пораснаа на Волстрит во понеделникот, благодарение на закрепнувањето во технолошкиот сектор и растот на цените на акциите на производителите на метали, откако Вашингтон воведе царини за увоз на челик и алуминиум.
Индекост Dow Jones порасна за 0,38 отсто, на 44.470 поени, додека S&P 500 порасна за 0,67 отсто на 6.066 поени, а индексот Nasdaq за 0,98 отсто, на 19.714 поени.
Порастот на индексите делумно се должи на зголемувањето на цените на акциите на производителите на челик и други метали, откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум, покрај постојните царини.
Цените на акциите на различни производители на метали од „Alcoa“, преку „Nucor“, „US Steel“, „Steel Dynamics“ и „Cleveland-Cliffs“ пораснаа меѓу 2 и 18 отсто.
Значително пораснаа и цените на акциите на производителите на чипови и други технолошки компании поврзани со вештачката интелигенција, кои беа под притисок последните седмици.
Така, цената на акциите на „Nvidia“ се зголеми за речиси 3 отсто, а на „Broadcom“ за 4,5 отсто.
Во изминатите две седмици цените на акциите на најголемата светска берза паднаа, па дел од инвеститорите сметаат дека сега е добра можност за купување.
„Во основа, инвеститорите се враќаат во секторите кои претходно растеа најмногу. Причината за ова, според мене, е оптимизмот поради добрите деловни резултати на компаниите“, објаснува Сем Стовал, стратег во „CFRA Research“.
Досега, повеќе од половина од компаниите во индексот S&P 500 објавија финансиски извештаи, при што приближно 77 отсто од нив пријавија заработка поголема од очекуваната.
Заработката на овие компании се зголеми за речиси 15 отсто на годишно ниво, додека пред две недели аналитичарите очекуваа раст на заработката под 10 отсто.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Индексот STOXX 600 на најважните европски акции порасна за 0,6 отсто и достигна нови рекордни нивоа.
Лондонски FTSE индекс се зголеми за 0,77 отсто, на 8.767 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,57 отсто, на 21.911 поени, а париски CAC за 0,42 отсто, на 8.006 поени.