Царинската управа поднесе 7 кривични пријави

Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец април 2016 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 7 кривични пријави против 4 правни и 8 физички лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Фалсификување исправа“, „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Криумчарење“, „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „Царинска измама“.

Фалсификување исправа

До ОЈО Струмица е поднесена кривична пријава против едно физичко лице А. Р. македонски државјанин и едно правно лице со седиште во Неготино. На ден  30.03.2016 година на ЦИ Струмица пријавениот А. Р. при отпочнување на извозна постапка со ТИР карнет, на надлежниот царински орган му приложил Уверение за одобрување на патно возило за транспорт на стока под царинска пломба, легално издадено од Царинарница Гевгелија во 2013 година со рок на важност до 2015 година. Во рубрика 9 од Уверението (која се заверува кога се продолжува важноста на истото) бил втиснат печат од чиј отисок може да се види стариот грб на Р. Македонија со ѕвезда – петокрака. Ваквите печати Царинската управа  согласно член 4 од Законот за грбот на Република Македонија во периодот јануари и февруари 2011 година ги повлече од употреба. На ваков начин првопријавениот како одговорно лице во корист на второпријавеното правно лице, иако знаел дека рокот на важност во Уверението за одобрување на патно возило за транспорт на стока под царинска пломба незаконски е продолжен, односно е преправан, пред надлежниот царински орган  го употребил како вистинско.

До ОЈО Струмица е поднесена кривична пријава против две физички лица А. А. и Т. Ќ. македонски државјани и едно правно лице со седиште во Куманово. На ден 12.03.2016 година пријавениот Т. Ќ. со ТМВ-ло сопственост на пријавеното правно лице се пријавил на излез од Р. Македонија на ЦИ Ново Село. Пријавениот Т. Ќ.  покрај останатите документи за стоката која ја превезувал, на царинските службеници им приложил и Уверение за одобрување на патно возило за транспорт на стока под царинска пломба. При проверка на Уверението, царинските службеници се посомневале во неговата оригиналност затоа што забележале дека важноста на истото е обновувано двапати и тоа првиот пат во Царинарница Куманово, додека вториот пат е заверено со печат од чиј отисок не може да се види во која царинарница е извршена заверката. Исто така, царинските службеници забележале дека второто продолжување е извршено со печат со отисок во зелена боја (печатот што го користи Комисијата за издавање на уверенија – ТИР за заверка е со сина боја) и со поранешниот грб на Република Македонија со петокрака – ѕвезда кој е повлечен од употреба уште во месеците јануари и февруари 2011 година. За да отпочне транзитна постапка со ТИР – Карнет, пријавениот А. А. како одговорно лице во пријавеното правно лице на пријавениот Т. Ќ, му го дал Уверението, за кое знаел дека е преправано, со намера да го употреби како вистинско пред надлежниот царински орган. Пријавениот Т.Ќ. кога пристигнал на царинска испостава Ново Село – отсек за стоково царинење, преправената исправа ја употребил како вистинска на начин што истата ја приложил на царинскиот орган за да докаже дека полуприколка, ги исполнува условите за транспорт на стока под царинска пломба.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори

До ОЈО Битола е поднесена кривична пријава против едно физичко лице Т. В., државјанин на Р. Грција кој на ден 07.03.2016 година со ПМВ-ло со грчки регистарски ознаки се пријавил за влез во Република Македонија на граничниот премин Меџитлија.  При извршен детален преглед на возилото во две патни торби  сместени во багажниот простор од возилото помеѓу личните предмети биле  пронајдени две пакетчиња со вкупно 7 семки за марихуана. На ваков начин пријавениот неовластено, набавил материјал (семки од марихуана) за кој знаел дека е наменет за производство на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори со што сторил кривично дело ,,Неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги психотропни супстанци и прекурсори“ казниво по член 215 став 4 и став 7 од КЗ.

До ОЈО Струмица е поднесена кривична пријава против физичко лице Д. К., македонски државјанин, кој на ден 29.03.2016 година во просториите на Македонски пошти Струмица подигнал меѓународна пратка од Германија која гласела на негово име и во која имало вкупно 32 семки од марихуана. Осомничениот пред околу еден месец преку преку интернет од Холандија, за сума од 150 евра порачал 32 семки за марихуана, со намера истите да ги насади, а порачката ја платил од кредитната картичка на неговата сопруга. На ваков начин пријавениот неовластено, набавил материјал (семки од марихуана) за кој знаел дека е наменет за производство на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, со што сторил кривично дело ,,Неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги психотропни супстанци и прекурсори“ казниво по член 215 став 4 и став 7 од КЗ.

Криумчарење

До ОЈО Битола е поднесена кривична пријава против физичко лице Е. К.,  државјанин на Р. Грција кој на ден 16.04.2016 година со ПМВ-ло со грчки регистарски ознаки се пријавил на влез во Р. Македонија на ЦИ Меџитлија. При извршена царинска контрола во патна торба сместена во багажниот простор од возилото, биле пронајдени 6 бунди од природно крзно визон, во куфер сместен на задното седиште биле пронајдени 2 бунди од лисица, додека во најлонска кеса позади совозачкото седиште биле пронајдени 3 крзнени лисици за околу врат и 1 наметка од крзно од лисица. На ваков начин пријавениот избегнувајќи ја царинската контрола пренел непријавена стока со вкупна вредност во износ од 222.102,00 денари.

Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма

До ОЈО Велес е поднесена кривична пријава против правно лице од Скопје и против одговорното лице Д. В. од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, односно неовластено увезле производи што се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи. На ден 04.12.2015 за потребите на правното лице во царинската испостава Гевгелија биле пријавени за царинење надворешни гуми за моторни возила од испраќач од Кина. При извршениот преглед на стоката од страна на царинските службеници се откриени 520 парчиња надворешни гуми за автомобили и камиони со ознака на трговската марка „Hankong“. Поради сомневање дека со наведената стока се повредува правото на интелектуална сопственост, царинските службеници привремено ја задржале предметната стока. Царинската управа на Република Македонија согласно Законот за царински мерки за заштита на правата на интелектуалната сопственост достави известување до застапникот на трговската марка „Hankook“ за задржаните стоки. По увидот на стоката застапникот за трговската марка  „Hankook“ ја извести Царинската управа дека има добиено потврда од носителот на правото на интелектуална сопственост дека задржаната стока со ознака на трговската марка „Hankong’’ е фалсификат на трговската марка „Hankook“, односно дека горенаведената стока ги повредува нивните права од индустриска сопственост. На ваков начин пријавените се обиделе да увезат производи кои се предмет на заштита на правата од индустриска сопственост, со намера да измамат купувачи, со што го сториле кривично дело за кое се осомничени.

Царинска измама

До ОЈО Битола е поднесена кривична пријава против правно лице од Битола и против одговорното лице К. В. од Република Грција, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело царинска измама, односно дале лажни податоци за стоките и не исполниле обврска според закон, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други давачки, со намера пријавеното правно лице да избегне делумно плаќање на истите во вкупна вредност од 1.226.365,00 денари. На ден 24.02.2016 година од страна на Службата за надзор на иматели на одобренија од Царинарница Битола извршена е контрола кај пријавеното правно лице, како имател на одобрение за увоз за облагородување. При физичка контрола во објектот,  во заклучена просторија и во помошни простории е пронајдено големо количество на репроматеријал – крзно, кожа, постава и машини за шиење, за кое правното лице не поседува документација, не се платени царинските давачки и не е започнато било какво дозволено постапување со стоката. Според изјавата на одговорното лице и службените лица во правното лице стока била увезувана за доработка и за истата не се платени давачките, но е раздолжувана како да е извезена повторно во странство, иако останувале количини кои се сега пронајдени и одземени. За машините кои се привремено одземени не е доставена никаква документација ниту доказ дека се платени увозните давачки, иако се работи за странска стока. Според пресметките за репроматеријалите и машините избегнато е плаќање на царински долг со вкупен износ од 1.226.365,00 денари. На ваков начин пријавените дале лажни податоци за стоките и не исполниле обврска според закон, со намера правно лице да избегне делумно плаќање на истите, со што го сториле кривично дело за кое се осомничени.